Покрај професори, на Студентската листа и познати актери, спортисти и музичари

Покрај бројните професори, студенти и разни општественици, на листата се најдоа и неколку познати имиња од спортот, музиката и актерството

На кандидатската листа што студентското движење во Србија ја поднесе за претстојните парламентарни избори се најдоа 250 кандидати од различни професии.

Покрај бројните професори, студенти и разни општественици, на листата се најдоа и неколку познати имиња од спортот, музиката и актерството.

Меѓу најпознатите кандидати е легендарниот српски кошаркар Дејан Бодирога, кој се наоѓа на 24. место. Бодирога во текот на богатата кариера освои бројни медали со репрезентацијата на Југославија, а денес е претседател на кошаркарската Евролига.

На листата е и поранешниот српски атлетичар и олимписки десетобоец Михаил Дудаш, кој се наоѓа на 178. место. Тој ја претставуваше Србија на повеќе европски и светски првенства и на Олимписките игри.

На 192. место е поранешниот фудбалер Мирко Поледица, кој по завршувањето на играчката кариера стана препознатлив како претседател на Синдикатот на професионални фудбалери „Независност“ и како критичар на состојбите во српскиот фудбал.

Меѓу кандидатите е и Дејан Периќ, на 181. место – поранешен ракометен голман и репрезентативец, кој во кариерата настапуваше за повеќе европски клубови, а подоцна работеше и како тренер.

Од музичката сцена на листата влегува Феѓа Димовиќ, член на популарната хип-хоп група „Београдски синдикат“. Димовиќ, кој по професија е адвокат, се наоѓа на 48. место на кандидатската листа.

Студентите кандидираа и две познати актерски имиња. Актерот Тихомир Станиќ е високо позициониран – на осмото место, додека Драган Гаги Јовановиќ се наоѓа на 122. позиција.

Јовановиќ претходно јавно потврди дека ја прифатил кандидатурата и порача дека борбата ќе продолжи „додека не се изборат за слобода и правда“.

Очекувано дека овие имиња од јавниот живот ќе имаат поддршка и од свои колеги кои иако не се најдоа на листата, сепак често учествуваа на протестите, како екс кошаркарот Владимир Штимац, актерот Милан Мариќ, како и другите членови на “Белградски синдикат“.

Студентското движење соопшти дека кандидатите не биле избрани од партиски лидери, туку од самите студенти, низ процес на одлучување кој траел повеќе од една година. Нивната намера, како што наведуваат, е во парламентот да влезат луѓе од различни професии и делови на Србија, без создавање култ кон еден лидер. Целосниот список е објавен на официјалната страница на студентското движење.

Листата „Студентска листа – Студентите победуваат“ беше предадена во Републичката изборна комисија со потписи за поддршка од избирачите. Вонредните парламентарни избори во Србија се закажани за 25 октомври, кога ќе се избираат 250 пратеници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс