„Поглед однатре“: проф. Светомир Шкариќ ја отвора внатрешната историја на Правниот факултет

Новата книга на проф. д-р Светомир Шкариќ е лична и академска хроника за Правниот факултет „Јустинијан Први“ во периодот од 1960 до 2006 година, видена од позиција на студент, асистент, професор и сведок на клучни промени во високото образование.

Од печат излезе книгата „Поглед однатре: Правен факултет Јустинијан Први, 1960-2006“ од проф. д-р Светомир Шкариќ, еден од најистакнатите македонски правници, универзитетски професори и автори во областа на уставното право.

Книгата претставува уникатно сведоштво за развојот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, раскажано низ личното искуство на авторот, кој низ повеќе децении бил дел од факултетот како студент, асистент, професор и активен учесник во академскиот живот.

Составена од 28 хронолошки подредени есеи, книгата отвора поглед кон една страна од факултетот што останала помалку позната за пошироката јавност. Шкариќ пишува за своите професори и нивниот придонес во развојот на правната наука, за атмосферата во амфитеатрите и предавалните, за научниот развој на факултетот, но и за процесите што го обликувале високото образование во Македонија.

Посебно место во книгата имаат темите поврзани со академскиот интегритет. Авторот се осврнува на непотизмот, нерегуларностите во испитните постапки и незаконитото унапредување во повисоки научни звања, отворајќи прашања што го надминуваат личното сеќавање и допираат до пошироката состојба на универзитетската заедница.

Преку лични сведоштва, архивски податоци и непосредни искуства, Шкариќ го анализира и периодот на транзицијата од социјализам кон капитализам, како и нејзиното влијание врз угледот, вредносниот систем и академската култура на Правниот факултет.

Како што истакнува авторот во воведот, книгата претставува „сеќавање како одбрана од заборавот“. Таа е истовремено мемоарска хроника, академско сведоштво и повик за зачувување на вредностите врз кои се темели универзитетската заедница.

„Судбината сакала студентскиот живот и целиот работен век да ги поминам на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’. Тоа ми овозможи факултетот да го видам одвнатре, од страната која не е позната на пошироката јавност“, пишува Шкариќ.

Книгата е во издание на „Или-Или“ од Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс