Занаетчиската комора Скопје, во соработка со „Скопје Сити Мол“ и со финансиска поддршка од Град Скопје, од денеска до 13 септември ја организира манифестацијата „Денови на филигран“, посветена на промоција и зачувување на филигранството како еден од најпрепознатливите традиционални занаети.
Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со уметноста на филигранот, да ги разгледаат уникатните рачно изработени производи на филигранистите и да дознаат повеќе за техниките, знаењето и вештините потребни за нивната изработка.
Целта на манифестацијата е филигранската традиција да се доближи до пошироката јавност, особено до младите, но и да се истакне нејзината вредност не само како дел од културното наследство, туку и како современ креативен занает со потенцијал за претприемништво, самовработување и развој на уникатни домашни производи.
„Денови на филигран“ ќе понуди можност на едно место да се претстават занаетчиите-филигранисти и нивните автентични изработки, во кои традиционалните техники се спојуваат со современиот дизајн и актуелните трендови.
Од Занаетчиската комора Скопје посочуваат дека со манифестацијата продолжуваат со активностите за промоција на занаетчиството, поддршка на занаетчиите и пренесување на традиционалните знаења и вештини на новите генерации.