Почна изборната трка во БиХ: 3,4 милиони гласачи ќе избираат членови на Претседателството и парламенти

Почна предизборната кампања во БиХ. На 4 октомври околу 3,4 милиони гласачи ќе избираат Претседателство и парламенти, со нови технологии во изборниот процес.

Во Босна и Херцеговина денеска започна предизборната кампања за општите избори, која ќе трае до 3 октомври, кога стапува на сила изборниот молк. Гласањето е закажано за 4 октомври 2026 година. Право на глас имаат околу 3,4 милиони избирачи, кои ќе избираат тројца членови на Претседателството на БиХ, пратеници во државниот парламент, како и претставници во парламентите на двата ентитета – Република Српска и Федерацијата на Босна и Херцеговина, и во кантоналните парламенти.

Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ ги повика политичките партии, кандидатите, нивните поддржувачи и медиумите доследно да го почитуваат изборниот закон. Особено е нагласена потребата од воздржување од говор на омраза и однесување што може да го наруши изборниот процес.

Според изборните правила, кандидатите имаат право на слободно водење кампања, како и на организирање мирни собири и митинзи. За прекршување на изборниот закон, ЦИК може да изрече санкции, вклучително и да отстрани кандидат од изборната листа.

Нови технологии за изборниот процес

Една од најзначајните новини на овие избори е воведувањето нови технологии со кои треба да се зголемат транспарентноста и сигурноста на изборниот процес и да се забрза обработката на резултатите.

За првпат гласачите ќе бидат електронски идентификувани со отпечаток од прст, а гласачките ливчиња ќе се скенираат по гласањето.

Целта е резултатите да се обработуваат побрзо, додека гласачките ливчиња и понатаму ќе се бројат рачно, како и досега, што треба да овозможи дополнителна контрола на резултатите.

Дел од политичките партии и нивните лидери се противат на новиот систем, тврдејќи дека технологијата може да го забави гласањето и да отвори простор за манипулации.

Сложениот политички систем на БиХ

Политичкиот систем на Босна и Херцеговина произлегува од Дејтонскиот мировен договор, со кој во 1995 година беше ставен крај на војната во земјата. БиХ е составена од два ентитета – Република Српска и Федерацијата на Босна и Херцеговина, а посебен статус има и Дистриктот Брчко. Ентитетите имаат свои институции, вклучително влади и парламенти, додека на државно ниво функционираат заеднички институции.

Општите избори затоа се едни од најсложените изборни процеси во Европа, бидејќи граѓаните истовремено гласаат за институции на повеќе нивоа на власт.

Извор: МИА

е-Трн да боцка во твојот инбокс