„Ројтерс“: Американска муниција најверојатно погодила свадба во Иран, пет лица загинаа

САД не преземаат одговорност за нападот во кој беа повредени речиси 70 лица, а Вашингтон истражува дали станува збор за американски напад или погрешно истрелан проектил

Американските власти истражуваат смртоносен напад врз свадбена прослава во јужен Иран, при што загинаа најмалку пет лица, а речиси 70 беа повредени. Анализа на „Ројтерс“ покажува дека оштетувањата на објектот најверојатно се последица на директен удар со муниција од американско производство.

САД досега не презедоа одговорност за нападот. „Ројтерс“ ги анализирал снимките и фотографиите од местото и материјалите ги покажал на четворица експерти за оружје. Тројца од нив оцениле дека најверојатно станува збор за американско оружје, додека сите четворица заклучиле дека степенот и карактерот на оштетувањата упатуваат на директен удар.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека Вашингтон го истражува случајот.

„Јасно е дека ни е важно. Сакаме да знаеме што се случило“, изјави Венс, додавајќи дека американската војска, доколку направи грешка, настојува да извлече поуки и да го подобри своето дејствување.

Петмина загинати, речиси 70 повредени

Експлозијата се случила во вторникот, кога проектил погодил куќа во која се одржувала свадбена прослава. Иранската државна телевизија објави дека бројот на загинатите се зголемил на пет, откако во болница починала 22-годишна жена. Иранските власти соопштија дека во нападот биле повредени речиси 70 лица.

Американски неименуван претставник изјавил дека се разгледуваат повеќе можни сценарија. Меѓу нив е и можноста жртвите да биле последица на американски напад, но и сценаријата дека станувало збор за ирански противвоздушен проектил кој скршнал од патеката или за погрешно истрелан пресретнувачки проектил. Американската војска досега не потврди дека нејзините сили го извеле нападот и нагласува дека не гаѓа цивилни цели.

Нападот се случил во услови на нова ескалација

Нападот врз свадбата се случил во рамките на американските воздушни напади долж иранскиот брег во вторникот. Вашингтон соопшти дека целите биле воени објекти, по претходните ирански напади врз бродови во Ормускиот Теснец.

Иран во знак на одмазда во средата изврши напади врз американски бази во Ирак, Јордан, Катар, Кувајт и Бахреин, а нови напади беа регистрирани и во четвртокот.

Нападите ги зголемија цените на нафтата

Ескалацијата на конфликтот веќе има директно влијание врз енергетските пазари. Цената на северноморската нафта „брент“ во четвртокот порасна четврти ден по ред и го надмина нивото од 96 долари за барел. Новите воени дејства дополнително ја зголемија загриженоста за стабилноста на транспортот на нафта низ Ормускиот Теснец, еден од клучните светски поморски коридори за транспорт на енергенси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс