По „Жена, живот, слобода“: Иранската кинематографија почна да ги крши правилата на цензурата

Четири години по смртта на Махса Амини, сè повеќе ирански режисери снимаат без официјални дозволи, а жените на екранот се појавуваат без задолжителни шамији, пеат и зборуваат без да бараат дозвола.

Протестите „Жена, живот, слобода“ не ја променија само улицата во Иран. Нивното влијание се чувствува и во киното. Четири години по смртта на 22-годишната Махса Амини, сè повеќе ирански филмски автори ги поместуваат, а понекогаш и целосно ги отфрлаат границите што со децении ги поставуваше државната цензура. Една од највидливите промени е начинот на кој се прикажуваат жените.

Во постарите ирански филмови женските ликови често мораа да се приспособуваат на ограничувањата на системот. Денес сè почесто се појавуваат жени кои едноставно одбиваат да ги прифатат тие правила. Во филмот „It Was Just an Accident“ на Џафар Панахи, една од централните женски ликови не носи шамија. Таа е одлучна и прагматична и ги принудува луѓето околу себе да се соочат со непријатни вистини.

Панахи го опишал ликот како одраз на жените кои за време на протестите „Жена, живот, слобода“ презедоа контрола врз сопствените животи.

Од смртта на Махса Амини до новото иранско кино

На 16 септември се навршија четири години од смртта на Маша Амини. Амини, која имала 22 години, била приведена во Техеран од таканаречената морална полиција поради наводно кршење на правилата за задолжително носење хиџаб. По три дена во притвор починала.

Иранските власти тогаш соопштија дека причина била срцев удар. Сведоци, меѓу кои и жени кои биле приведени со неа, тврдеа дека полицијата ја претепала. Нејзиното семејство исто така негираше дека претходно имала здравствени проблеми и ја обвини полицијата за нејзината смрт. Нејзината смрт предизвика масовни протести низ Иран и ширум светот.

Во годините што следеа, патролите на моралната полиција кои ги контролираа жените и нивната облека станаа помалку видливи на улиците на големите ирански градови. Правилата за задолжителен хиџаб формално останаа на сила, но нивното спроведување во одредени средини видливо ослабе.

Промената, сепак, не е само прашање на облеката.

Кога женскиот глас станува отпор

Во филмот „Bidad“ („Вапај“) на Сохеила Бејраги, снимен во Иран без официјална дозвола, централниот конфликт се врти околу уште една забрана – жените да пеат во јавност. Но филмот зборува за многу повеќе од пеењето.

Гласот станува прашање кој смее да биде видлив и кој смее да биде слушнат во јавноста, а кој треба да молчи. Кога главната протагонистка Сети пее без да чека дозвола, нејзиниот чин станува форма на граѓанска непослушност.

И улицата повторно станува важна. Како и за време на протестите во 2022 година, таа повеќе не е само простор низ кој се минува, туку место каде што се поставуваат барања и се изразува отпор.

Кино без дозвола

Сè повеќе ирански филмски автори почнуваат да работат надвор од системот што со децении го регулираше филмското производство. Меѓу филмовите создадени без официјалните дозволи се „The Cafe“ на Навид Михандуст, „Dark Matter“ на Карим Лакзадех, „A Thousand and One Frames“ на Мернуш Алие, „The Group“ на Шаханд Кабири, „Cesarean Weekend“ на Мохамед Ширвани, „Dual“ на Абас Незамдуст и „A Little Light“ на Али Асгари.

Важноста на овие филмови не е само во нивната содржина, туку и во начинот на кој се создадени. Со децении иранските режисери учеа како да работат во рамките на цензурата или да ја заобиколат. Општествената реалност можеше да биде прикажана, но најчесто мораше прво да биде приспособена за да помине низ државниот филтер.

По протестите во 2022 година, дел од авторите избраа поинаков пристап: наместо повторно да го приспособуваат филмот за да ги задоволи правилата, едноставно престанаа да бараат дозвола. Цената за тоа е висока.

Против повеќе режисери и членови на нивните екипи се покренати судски постапки, а некои добиле затворски или парични казни. Нивниот „престап“, во суштина, е поврзан со променетиот однос кон реалноста што се случува околу нив.

Новата паралелна кинематографија

Иранското кино има долга историја на судир со цензурата. Филмските авторки и актерките со децении се борат со ограничувањата за тоа како жените и нивните тела смеат да бидат прикажани на филм. Но протестите од септември 2022 година очигледно го забрзаа раскинувањето со дотогашниот модел.

Наместо прашањето „колку далеку можеме да ги поместиме границите?“, сè повеќе автори почнаа да поставуваат друго: што ќе се случи ако границите едноставно ги отфрлиме? Така се создава еден вид паралелна иранска кинематографија.

Во неа филмовите можат да се снимаат без официјална дозвола. Актерките можат да се појават без шамија. Жените можат да пеат. Да зборуваат. Да се движат низ јавниот простор без ограничувањата што ги поставува државата. Иранските власти и понатаму имаат моќ да одредуваат кои филмови ќе добијат официјална дозвола и кои ќе можат да се прикажуваат во домашните кина.

Но многу потешко можат да го контролираат самиот чин на снимање.

Токму тоа можеби е една од најголемите промени по протестите од 2022 година: иранските филмски автори сè почесто одбиваат реалноста прво да ја провлечат низ државниот филтер, па дури потоа да ја стават на екран.

е-Трн да боцка во твојот инбокс