По шестмесечен прекин, повторно е ставен во функција хидросистемот „Ѓавато“, преку кој започна дополнување на Дојранското Езеро со вода. Од надлежните информираат дека системот работи без застој, а во наредните часови се очекува да се зголеми количината на вода што се испушта во езерото.
Во моментов, во Дојранското Езеро се влеваат околу 200 литри вода во секунда, а дополнителен дотур се очекува во текот на денот или најдоцна утре. Од Хидросистемот „Ѓавато“ велат дека водата е пуштена во саботата, по што биле извршени проверки на целиот систем. Поради тоа што цевководот не бил во употреба шест месеци, биле потребни околу 20 часа за повторно да се наполни.
„Попатно немаме загуби на вода, браната Паљурци е полна, а саниран е и вентилот преку кој се дополнуваше акумулацијата, така што системот сега функционира нормално“, информираат од хидросистемот.
Оттаму потсетуваат дека август и септември традиционално се најкритичните месеци за Дојранското Езеро поради високите температури, силното испарување и недостигот од врнежи, поради што дополнувањето на водата е особено важно.
Според последните податоци на Управата за хидрометеоролошки работи, нивото на Дојранското Езеро моментално изнесува 145,26 метри надморска височина, што е под договорениот минимален праг од 146,13 метри. Очекувањата се дека со континуираниот дотур на вода ќе се ублажи падот на нивото во текот на најтоплиот дел од летото.