Search

По 75 години ликовните уметници во свој простор

Друштвото на ликовните уметници на Македонија доби свој објект за да се вдоми, на улица „Илинденска“ во Скопје. Објектот им е доделен на уметниците со одлука на Владата.

„После 75 години ДЛУМ доби сопствен простор. Благодарност до министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска која ни даде поддршка за да го добиеме овој објект.  Денес и официјално помина и на Влада и навистина трајно се реши долгогодишниот проблем на ДЛУМ да добиеме сопствен простор. Е па, да наздравиме и прославиме…“

Овој пост на уметничката асоцијација израдува многумина оти тие со децении се бореа да најдат соодветен простор. По формирањето во 1946 година ДЛУМ ја вршеше својата дејност во објектот Поткале, па во Салонот во ГТЦ, во објект кај Железничка станица, во Домот на АРМ… Дури и организираа протести за да укажат дека им недостасуваат соодветен простор и услови за работа.

Министртвото за култура обезбеди простор за трајно сместување на ДЛУМ, со што го реши деценискиот проблем на уметниците. Конечно, ДЛУМ добива свој галериски простор каде што ќе ги реализира своите традиционални изложби, и ќе испровоцира многу нови идеи за збогатување на домашната сцена, како и соработки на меѓународен план.

„Огромно е задоволството што успеавме да ја реализираме идејата ДЛУМ да го добие овој објект на атрактивна локација, со што правиме историски исчекор во зацврстување на статусот на најстарото еснафско уметничко здружени во земјава и создаваме услови  за негово современо развивање и иднина. Искрено верувам дека во својот дом, по децениско талкање и барање соодветни услови за работа, бројните членови на ДЛУМ, наследници на основополжниците на ликовната уметност кај нас: Мартиновски, Личеновски, Димитар Андонов-Папрадишки, Поповиќ-Цицо, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Михајло Шојлев, ќе најдат нова инспирација за ново и возбудливо творештво. Верувам дека оваа куќа ќе стане едно од централните места за афирмација на македонското современо ликовно творештво од каде што ќе се создадат нови дела кои далеку ќе ја афирмираат нашата култура”, изјави министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска.

Најново

Последни колумни