По 100 години откриен непознат текст на Хари Худини: Открива поинаква страна од славниот мајстор на бегствата

Списанието „Странд“ објави досега непознат напис на легендарниот илузионист, во кој тој пишува за изведувачите и сценските магии што ги обликувале почетоците на неговата кариера.

Досега непознат текст на Хари Худини, еден од најпознатите илузионисти во светот, беше објавен во САД по повод стогодишнината од неговата смрт. Списанието „Странд“ го објави написот под наслов „Интересен албум со исечоци“, во кој Худини детално се осврнува на некои од изведувачите што ги обликувале раните денови на сценската магија и влијаеле врз неговиот животен пат.

Текстот содржи осврти на бројни театарски најави од периодот кога јавноста била сè позаинтересирана за натприродното, необичните појави и фантастичните сценски настапи, пренесува „Гардијан“.Худини во написот истражува претстави најавувани како „некромантски чуда“, „магични измами“ и настапи на „најголемиот жив волшебник“.

„Она што го прави овој напис исклучителен е тоа што открива страна на личноста на Худини која во голема мера останала во сенка на неговата огромна слава како мајстор на бегствата“, изјави главниот уредник на списанието „Странд“, Ендру Гали.

Написот бил зачуван меѓу многубројните документи на уметникот во библиотеката „Худини“, која се наоѓа во рамките на Центарот „Хари Рансом“ на Универзитетот во Тексас во Остин. По повод годишнината, таму е организирана и стручна обиколка на архивската збирка.

Покрај славата стекната со своите магионичарски точки и обидите да ги разоткрие лажните медиуми и спиритуалисти, Худини бил и плоден автор. Зад себе оставил повеќе од 24 книги, раскази и драмски дела.


Худини, чие вистинско име било Ерик Вајс, како дете емигрирал од Унгарија во САД. Подоцна станал еден од најпознатите забавувачи на своето време, со настапи низ Европа и Америка.По повод стогодишнината од неговата смрт, за 31 октомври се планирани повеќе комеморативни настани низ светот. Во Будимпешта, градот во кој Худини е роден во 1874 година, се одржуваат свечености и јавни настани, додека во неговиот поранешен дом во Њујорк е најавена спиритуалистичка сеанса.

е-Трн да боцка во твојот инбокс