„Plug-in“ соларни панели сè попопуларни во Европа: Колку навистина ги намалуваат сметките за струја?

Соларната енергија бележи силен раст во Европа, а „plug-in“ соларните панели стануваат достапна алтернатива за домаќинствата, иако нивниот ефект врз сметките за струја е ограничен.

Соларната енергија станува еден од најбрзорастечките извори на обновлива енергија во светот, помагајќи ѝ на Европа да ги намали високите трошоци од зависноста од фосилни горива. Според анализа на организацијата SolarPower Europe, користењето на сончевата енергија во март ѝ заштедило на Европа повеќе од 100 милиони евра дневно, со што се намалува потребата од увоз на гас.

Ако цените на гасот останат високи поради геополитичките тензии поврзани со војната во Иран, соларната енергија би можела да заштеди на Европа над 67 милијарди евра само во 2026 година.

„Plug-in“ соларни панели – нов европски тренд

Додека класичните соларни системи на покриви и големите електрани сè уште доминираат, сè поголемо внимание привлекуваат таканаречените „plug-in“ соларни панели. Особено популарни во Германија, овие мали системи можат да се постават на балкони, тераси или помошни објекти, а произведената енергија може директно да се користи преку обична електрична приклучница.

Што се „plug-in“ соларни панели?

Овие системи не бараат сложена професионална инсталација и се значително поевтини од класичните соларни панели. Во некои европски земји нивната цена започнува од околу 200 евра, што ги прави достапни и за луѓе кои живеат во станови или изнајмен простор. Но, нивниот капацитет е ограничен, па и влијанието врз сметките за струја е помало во споредба со големите системи.

Велика Британија е меѓу најновите европски земји што дозволи продажба на вакви панели, кои сега се достапни и во супермаркети. Министерот за енергетика Ед Милибанд изјави дека оваа мерка ќе помогне за намалување на зависноста од нестабилните пазари на фосилни горива и ќе ја зајакне енергетската независност.

Експерти проценуваат дека еден панел чини меѓу 400 и 500 фунти (околу 460 до 580 евра), а годишната заштеда за едно домаќинство е меѓу 80 и 127 евра. Сепак, експертите предупредуваат дека инвестицијата не се враќа веднаш и зависи од условите како сончевост, ориентација и засенчување.

Колку струја произведуваат?

Во Европа, овие системи најчесто произведуваат меѓу 400 и 500 вати, додека во Германија максималната дозволена моќност на инверторот е 800 вати. Според експертите, ова е доволно за напојување уреди со мала потрошувачка, како фрижидери, Wi-Fi рутери и уреди во режим на мирување. Сепак, тие не се доволни за поголеми потрошувачи како преносни клима уреди или кујнски апарати со висока моќност.

„Plug-in“ соларните панели претставуваат практично и достапно решение за делумно намалување на сметките за струја, но не се замена за класичните соларни системи. Нивната популарност во Европа расте, особено во контекст на енергетската криза и зголемените геополитички тензии кои влијаат врз цените на енергијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни