Во рамки на програмата „Македонски филм. На големо платно“, публиката ќе има можност бесплатно да го погледне филмот „Плати и жени“ во режија на Атанас Георгиев.
Проекцијата ќе се одржи на 8 јуни, со почеток во 19 часот, во Cineplexx. Влезот е бесплатен.
„Плати и жени“ ја следи приказната за Марко и Атанас, двајца пријатели чиј живот би бил многу поедноставен ако не постоеше еден бирократски проблем: европскиот пасош. Во потрага по документ што може да им ја отвори вратата кон подобар живот, тие се подготвени да направат речиси сè, дури и да „купат“ сопруга.
Со 7.000 евра, многу дрскост и надеж дека системот може да се надмудри, двајцата тргнуваат во потрага по жена што ќе ги одведе до олтарот, а потоа ќе остане доволно долго за разводот. Нивната одисеја низ имигрантското подземје на Виена е истовремено урнебесна и трогателна приказна за границите, документите, преживувањето и желбата да се прескокнат бариерите на „Тврдината Европа“.
Режијата е на Атанас Георгиев, сценариото на Марјан Алчевски, а продуценти се Сали Џо Фајфер, Атанас Георгиев, Синиша Јуричиќ и Ралф Визер. Директор на фотографија е Димо Попов, монтажата е на Владимир Гојун, дизајнот на звук е на Нилс Кирхоф и Атанас Чолаков, а музиката е на „Фолтин“.
Филмот е продукција на Fernsehfonds Austria, Mischief Films Austria, Nukleus Croatia, Trice Films и Österreichischer Rundfunk.