„Новиот ДУП на општина Аеродром подджан од урбана мафија ќе не направи затвореници во сопствените домови“, порачаа на денешниот протест жителите на населбата Лисиче.
Протестот кој се одржа на булеварот Србија беше уште една порака кон локалните власти да се почитува волјата на народот и да се слуша нивниот глас кога се планира урбаното живеење во општината. Нивниот револт го преточија во пораки.
„Ова е првиот предупредувачки протест против новиот предлог ДУП кој што се надеваме сите дека ќе биде повлечен од страна на општината. Ова што тука се прави е очигледен геноцид врз народот. Со градење на волкави згради со рушење на оружјето на ветрови, загадувањето ќе биде енормно зголемено“ – вели Влатко Ужевски, жител на населбата Лисиче.
Барањето на жителите на оваа населба е да се повлече под итно спорниот ДУП и да не се навлегува во приватниот имот на луѓето.
Граѓаните, загрижени за својата и за иднината на децата, нема да отстапат од своите барања, кои им носат заштита на здравјето и на животната средина. Тие уште еднаш укажаа на опасноста од новите згради.
- Бареме делот кој што го има во ДУП да се искористи за разубавување на животот на луѓето, а не за правење на гасна комора која и онака веќе ја имаме- порачува Ужевски.
Инаку според новиот ДУП во населбата Лисиче, долж самиот булевар се предвидуваат маркици за изградба на девет згради и тоа три осумкатници, една 12 катница и уште пет нови помали згради. - Уште колку населби и колку животи треба да се уништат за да се задоволат нивните болни апетити за профит? , прашаа на денешниот протест жителите на населбата.
Тие ги повикаа сите советници во општина Аеродром да застанат против како што велат ова градежно лудило и да кажат НЕ за бетонизација на Лисиче. - Во моментот кога ги изгласавме, кога дојдоа на власт, тие станаа господари на нашите имоти и на нашите животи и тоа некоја пракса си спроведуваат и си мислат ете дека така си можат. Забораваат дека ние им ја даваме платата. Пораката од сите нас тука е да почнат да се прашуваат луѓето кои живеат овде пред да се носи ДУП – вели Игор Христов, жител на населба Лисиче.
Фотографии: Ангел Ангеловски



















