Планетариумот во МКЦ чека на реконструкција: пропадна првиот тендер, нема заинтересирани компании

Реконструкцијата на Скопскиот планетариум, сместен во Младинскиот културен центар (МКЦ), повторно се одложува. На првиот тендер за реновирање не пристигнала ниту една понуда, па Град Скопје ја поништил постапката и веќе подготвува нова јавна набавка.

Од Град Скопје за „Слободен печат“ информирале дека е во тек постапката за распишување втор тендер, со кој повторно ќе се бара компанија што ќе ја реализира реконструкцијата. Според градските власти, проектот треба да му даде нов живот на Планетариумот и повторно да го отвори за љубителите на астрономијата, особено за децата и младите. Намерата е просторот да прерасне во современ едукативен центар во кој посетителите ќе можат да учат, истражуваат и да го запознаваат светот на астрономијата.

Првиот тендер беше објавен на 27 октомври, а заинтересираните компании имаа рок да достават понуди до 13 ноември. Сепак, ниту една фирма не се пријавила, поради што постапката била поништена. Според тендерската документација, планирано е целосно обновување на објектот, поставување нов систем за греење и ладење и замена на столаријата. Еден од главните зафати е и изградбата на пристапна рампа, со која Планетариумот би станал подостапен за лицата со попреченост.


Сега останува да се види дали вториот обид ќе донесе заинтересирани изведувачи и дали долгоочекуваната реконструкција конечно ќе започне.

е-Трн да боцка во твојот инбокс