СЗО предупредува на враќање на морбилите: Во Црна Гора вакцинирани само 13 проценти од децата

Во делови од Европа опфатот со вакцинација е загрижувачки низок, а Светската здравствена организација предупредува дека падот на имунитетот и недоволната заштита создаваат услови за нови епидемии.

Светската здравствена организација (СЗО) предупредува на можноста за повторно ширење на морбилите поради намалениот имунитет на населението и недоволната вакцинација. Иако бројот на починати од оваа болест е значително помал отколку во 2000 година, состојбата во одредени делови од Европа и во Северна и Јужна Америка предизвикува загриженост.

Според годишниот извештај на СЗО, минатата година во светот биле регистрирани 59 големи епидемии на морбили. Се проценува дека биле заразени 9,8 милиони луѓе, а од болеста починале околу 72.000 лица.

Во споредба со 2000 година, бројот на заразени е намален за 74 проценти, а бројот на починати за 91 процент. Сепак, здравствената организација предупредува дека постигнатиот напредок може да биде загрозен ако не се одржи висока покриеност со вакцинација.

САД, Мексико и Боливија го загубија статусот на земји без морбили

САД, Мексико и Боливија неодамна го загубија статусот на земји во кои морбилите се елиминирани, предупредува СЗО.

„Морбилите не простуваат опуштање на вниманието. Земјите што ги елиминираа сега го губат тој статус. Со елиминацијата на болеста работата не е завршена. Статусот мора да се зачува така што секое дете, каде и да живее, ќе прими две дози вакцина“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Во извештајот се посочува и дека американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Јуниор повеќепати јавно го доведувал во прашање вакцинирањето.

Во Црна Гора само 13 проценти од децата ја примиле првата доза

Особена загриженост предизвикува нискиот опфат со вакцинација против морбили во неколку европски земји. Според податоците наведени во извештајот, во Црна Гора само 13 проценти од децата ја примиле првата доза од вакцината против морбили. За споредба, светскиот просек изнесува 84 проценти. Под светскиот просек се и Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија и Романија.

Лекарските здруженија во Југоисточна Европа предупредуваат дека дел од родителите одбиваат да ги вакцинираат децата поради недоверба поттикната од дезинформации. Посебно ја истакнуваат улогата на социјалните мрежи во ширењето теории на заговор поврзани со вакцините.


Ниската покриеност со имунизација остава простор за повторно ширење на заразни болести кои можат да се спречат со вакцинација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс