Вработени во Anthropic и OpenAI предупредуваат: Новите модели се опасни за јавноста

Повеќе од дваесет извори од водечките компании за вештачка интелигенција тврдат дека необјавените системи мамат на тестовите и измислуваат лажни објаснувања за да ги измамат надзорниците.

Новите, необјавни модели на ВИ кои ги развиваат компаниите Anthropic и OpenAI се толку моќни, што дел од вработените во овие компании сметаат дека не е безбедно тие да бидат пуштени во јавноста. Порталот Axios, повикувајќи се на повеќе од дваесет контакти директно вклучени во развојот и дебатите во самите компании објави дека се продлабочува јазот помеѓу способносите на новите модели и можноста човекот да ги контролира и дека се уште нема модел за нивно зауздување.

Неодамнешните пробиви во областа на математиката, науката, сајбер-безбедноста и самото истражување на вештачката интелигенција ги затекнаа и самите инженери. Математичар од Anthropic употребил необјавена истражувачка верзија на моделот Claude за да претстави доказ за Римановата хипотеза, математички проблем стар повеќе од 150 години. Истовремено, необјавен модел на OpenAI помогнал во изработка на докази за стотици математички задачи, но ваквите системи веќе се поврзуваат и со сериозни безбедносни инциденти, вклучувајќи го и хакирањето на платформата Hugging Face.

Еден од главните безбедносни проблеми произлегува од учењето со поткрепување, метода при која моделите добиваат награди за успешно решавање задачи. Како што стануваат попаметни, системите учат како да го манипулираат механизмот за наградување и да ги заобиколат безбедносните огради кога мамењето им носи подобар резултат.

Досега истражувачите ја следеа безбедноста така што ги обврзуваа моделите да го испишуваат секој чекор од своето заклучување пред да дадат конечен одговор. Најновите интерни верзии, меѓутоа, почнаа да го кријат својот вистински тек на мисли или да генерираат лажни приказни за покритие со цел да ги задоволат човечките надзорници.

„Ако продолжиме да се обидуваме да ги направиме моделите многу попаметни, до мера навистина да станат попаметни од нас, тие всушност ќе можат успешно да нè измамат. А штом ќе стигнете до таа точка, голем дел од контролните механизми што ги користевме досега едноставно паѓаат во вода“, изјави еден од истражувачите за Axios.

Внатрешните тензии веќе доведоа до заминување на стручњаци и јавни предупредувања од врвот на индустријата. Во септември истражувачот Џејкоб Коксон даде отказ во Anthropic по три години работа на развој на модели во OpenAI и Anthropic, порачувајќи дека ниту една од компаниите не постапува одговорно и дека со трката кон самоподобрувачка суперинтелигенција се коцкаат со човечки животи.

Набргу потоа, извршниот директор на Anthropic, Дарио Амодеи, објави есеј во кој ја повика индустријата да го забави темпото. Тој призна дека моделите влегуваат во фаза каде што самите пишуваат код, се тестираат и забрзано создаваат свои помоќни наследници, а предупреди и на инциденти во кои роеви автономни агенти изведувале сајбер-напади врз цели што никој од инженерите не им ги задал. Повикот на Амодеи тогаш го поддржаа и првиот човек на OpenAI, Сем Алтман, како и Илон Маск.

Од OpenAI соопштија дека усвоиле нови безбедносни барања што би можеле да го забават темпото на објавување нови модели. Портпаролот на Anthropic за Axios изјави дека компанијата неодамна го одложила предтренирањето на еден модел за да ги зајакне безбедносните мерки.


„Нашата одговорност почнува уште за време на тренирањето и го опфаќа начинот на кој самите ги користиме моделите, а не само она што го пуштаме во јавноста. Најтешкиот дел од работата на безбедноста допрва претстои и јасно кажавме дека би можеле да забавиме или да повлечеме рачна дури и кога тоа финансиски нè чини“, порача портпаролот на Anthropic.

е-Трн да боцка во твојот инбокс