Скролање наместо книги: Историски најлоши ПИСА резултати кај тинејџерите

Времето поминато пред телефоните ги влоши вештините за читање, наука и математика на најниско ниво од 2000 година наваму.

Тинејџерите ширум светот бележат најслаби вештини за читање во овој век, а прекумерната употреба на паметни телефони директно ги поткопува образовните резултати. Најновото меѓународно ПИСА тестирање на ОЕЦД, кое опфати 760.000 петнаесетгодишници во 91 земја, покажува дека учениците во просек читаат на ниво што претходно се очекуваше од деца една година помлади од нив. Истовремено, знаењата по математика и природни науки паднаа на рекордно ниски вредности од почетокот на мерењата во 2000 година.

Резултатите од тестот спроведен во 2025 година покажуваат остар пад во сите три клучни области. Индексот на читање се спушти на 466 поени, што е сериозно назадување во споредба со врвот од 501 поен забележан во 2012 година.

Сличен тренд има и кај природните науки, каде што просекот падна на 486 поени во однос на рекордните 506 во 2009 година. Математичките постигнувања забележаа пад од 502 на 469 поени во истиот период. Најголемото намалување на резултатите е евидентирано кај учениците кои доаѓаат од семејства со повисок социјален статус.

Генералниот секретар на ОЕЦД, Матијас Корман, при претставувањето на извештајот посочи директна врска меѓу времето поминато на екраните и слабите резултати. Повеќе часови пред дигиталните уреди значат помалку читање книги заради задоволство.

„Забележуваме и избрзано читање, учениците брзаат низ текстот и даваат брз погрешен одговор“, изјави Корман.

Истражувањето не дава директна препорака за целосна забрана на телефоните во училиштата, но потврдува дека дигиталното одвлекување внимание директно влијае врз знаењето. Во 59 од вкупно 82 анализирани образовни системи дигиталната дефокусираност носи послаби оцени, а над четвртина од учениците потврдиле дека уредите им пречат на часовите.

Според пријавените податоци, учениците во земјите членки на ОЕЦД во работни денови поминуваат во просек 3,4 часа на уреди за забава, како и дополнителни 3 часа за учење на училиште и дома.

Корман објасни дека дигиталните алатки можат да го подобрат учењето само до одредена мера. Штом дневната употреба надмине пет часа, образовните резултати почнуваат драстично да паѓаат.

Истражувањето детектира и нов проблем со вештачката интелигенција. Речиси половина од учениците редовно користат чет-ботови за училишни обврски. Оние што ги користат за пишување состави, прераскажување лектири и истражување, постигнале околу 20 поени послаб резултат по природни науки. Тоа е разлика еднаква на цела изгубена година учење.

Источна Азија останува најуспешниот регион на глобалната образовна мапа. Градовите во Кина кои учествуваа на тестирањето, заедно со Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур и Тајван, остварија убедливо највисоки постигнувања.

Единствените две држави надвор од азискиот регион кои успеаја да се пласираат меѓу најдобрите десет во сите три категории се Велика Британија и Естонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс