Денес, 8 октомври, НУ Театар Битола најомилената приказна за дрвеното момче – „Пинокио“, ја раскажува на 14-тиот фестивал за деца и млади „Малиот Принц“ во Штип во два термини, на сцената на НУ Центар за култура „Ацо Шопов“ .
Веднаш после ова прекрасно гостување, екипата се враќа назад во Битола! Оваа сабота, овој докажан театарски спектакл ќе се одигра на матичната сцена.
Една од најпознатите и најсаканите приказни за деца, за дрвеното момче кое сонува да стане вистинско дете нè води низ свет исполнет со авантури, искушенија, пријателства и необични ликови. Претставата по текст на Карло Колоди, е во режија и драматизација на Деан Дамјановски. Композитор: Марјан Неќак, сценографија: Сергеј Светозарев, костимографија: Андреј Ѓоргиевски, изработка на маски: Сара Милевска.
Играат: Никола Стефанов, Валентина Грамосли, Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска и Александар Димитровски. Во претставата учествуваат и ученици од Театарската школа „Бабец“: Ана Анѓелевска, Марија Јовев, Стефан Доневски, Матеа Василевска, Софија Наумовска, Николина Јанкоска, Ана-Марија Каранфиловска, Андријана Мемет, Војдан Мавровски, Николај Илијевски и Каја Крстевска.

На 14 октомври „Пинокио“ веќе патува за Скопје, како дел на 5. ИФДТ „Игор Маџиров“. Од 11:00 часот една од најпознатите приказни за детството ќе оживее на сцената на МНТ. Токму со „Пинокио“ се отвора натпреварувачката програма на годинашниот фестивал и пет фестивалски дена ќе бидат исполнети со театар, фантазија и средби со уметници од различни земји.
