Независната културна сцена е жива, упорна и пркосна — а нејзиниот дводецениски тек конечно добива свој визуелен и документарен печат. Со фотографската изложба и монографијата „20 години архива на независна културна сцена“ на авторката Наташа Гелева – Лени, скопската публика ќе има можност да прошета низ разновидноста и енергијата што ја обликуваа независната сцена од 2006 до 2026 година.
Изложбата, во издание на издавачката куќа „Илика“, официјално ќе се отвори на 14 октомври со почеток во 20 часот во Културно-информативниот Центар (КИЦ), а за посетителите ќе биде достапна за разгледување сè до 28 октомври.
За сите љубители на фотографијата, дизајнот и независната култура, на 20 октомври во 19 часот (исто така во КИЦ) ќе се одржи и официјалната промоција на монографијата, каде што присутните ќе можат да дознаат повеќе за деценискиот процес на создавање и собирање на оваа богата архива.
Фотографијата како простор за разговор и отпор
Надвор од институционалните калапи, објективот на Наташа Гелева ги бележи моментите кои често остануваат на маргините, претворајќи ги во траен споменик на културниот континуитет.
„Во свет каде што културната амнезија е алгоритамски поттикната низ претрупувачката силина на бранот, фотографиите на Гелева делуваат како места на отпор: го забавуваат времето и создаваат еден многу природен континуитет. Тие сугерираат дека културната меморија не е изградена од големи наративи, туку од мали, упорни чинови на гледање и паметење“, истакнува кураторот Владимир Јанчевски во воведниот текст на монографијата.
зад овој сеопфатен проект стои тим кој покрај уметницата го сочинуваат уредниците на „Илика“, кураторот Владимир Јанчевски, како и дизајнерите Ема Велковска, Марија Смилевска и Оливер Илиевски.
Проектот е поддржан во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Хартефакт Фонд, а изложбата е делумно поддржана и од Министерството за култура и туризам.
