Доделени наградите за 48-часовниот филмски предизвик на фестивалот „ЅИРНИ 8“

За победниците одлучуваше тричленото жири во состав: Тамара Ристоска (актерка), Радован Петровиќ (режисер) и Атанас Велковски

Во рамките на осмото издание на фестивалот на филм и музика „ЅИРНИ“, официјално беа доделени наградите за најдобрите филмови изработени во рамките на традиционалниот 48-часовен филмски предизвик. Свеченото затворање и доделувањето на признанијата се одржа пред Домот на АРМ, со што беше заокружено уште едно успешно фестивалско издание во организација на тимот на „кафе и филм Котур“.

За победниците одлучуваше тричленото жири во состав: Тамара Ристоска (актерка), Радован Петровиќ (режисер) и Атанас Велковски (снимател и селектор), кои имаа задача да ги оценат филмовите создадени за само еден викенд.

Победници на предизвикот:

  • Прво место: „ДАМКА“ (Тим: Јован Јанковски, Дамијан Јосифовски) Првата награда му припадна на филмот „Дамка“ за, како што истакна жирито, најдобро искористување на зададените елементи, суптилно изградена приказна и извонреден филмски јазик што создава заокружена и впечатлива целина.
  • Второ место: „КАКО ДА НЕ НАПРАВИШ ФИЛМ“ (Тим: Филип Ангов, Андреј Димовски, Мери Тодевска, Едис Усеин) Втората награда ја освои остварување со храбар пристап кон кршење на традиционалната филмска структура, каде што неконвенционалното раскажување и неуспешните обиди за снимање се претвораат во одличен хумор и самоиронија.
  • Трето место: „ИСПОВЕДИ“ (Тим: Ангела Грозданов, Магдалена Донеска, Милена Блажевска) Наградата за трето место отиде кај филм кој преку современ и експериментален филмски јазик вешто си поигрува со сликата и звукот, совладувајќи го предизвикот на јасен и впечатлив начин.
  • Специјално признание: „ОСТАТОЦИ“ (Тим: Ева Божиновска, Хана Стефановска, Теодор Дамјановски) Жирито додели и специјално признание за филмот „Остатоци“ поради најинвентивната употреба на џем во филмот, како и за духовитиот омаж кон американските Б-хорор филмови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс