Прилеп од 18 до 25 септември повторно ќе биде сцена за најмладата публика. Седмото издание на детскиот театарски фестивал „Силјан Штркот“ ќе го отвори „Пинокио“ на Народниот театар – Битола, претстава во режија на Деан Дамјановски, која ќе биде изведена на 18 септември во 12 часот.
Фестивалот е посветен на создавањето први театарски искуства кај децата и на запознавањето на најмладата публика со сценската уметност. Поголемиот дел од фестивалската програма ќе се одвива во Центарот за култура „Марко Цепенков“.
„Пинокио“ како приказна за растењето
Претставата е базирана на познатото дело на Карло Колоди и низ приказната за дрвената кукла го отвора прашањето што значи да се стане „вистински“ човек – низ грешки, избори, искушенија и храброст. Во улогата на Пинокио настапува Никола Стефанов, а во претставата играат и Валентина Грамосли, Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска и Александар Димитровски.
Во претставата учествуваат и деца од Театарската школа „Бабец“: Ана Анѓелевска, Стефан Доневски, Матеа Василевска, Лина Трампевска, Николина Јанкоска, Ана Марија Каранфиловска, Војдан Мавровски, Николај Илијевски, Марија Јовев, Андријана Мемет и Каја Крстевска.
Музиката е на Марјан Неќак, сценографијата на Сергеј Светозарев, а костимите ги потпишува Андреј Ѓоргиевски. Маските ги изработила Сара Милевска, додека менторка на Театарската школа „Бабец“ е Јулијана Мирчевска.
Театар како прва средба со културата
„Силјан Штркот“ е замислен како простор во кој децата уште од најрана возраст ќе можат да се сретнат со театарот, но и преку претставите да развиваат љубопитност, имагинација и интерес за културата.
Фестивалот го организира Здружението „Мал Театар“ од Прилеп, со поддршка и покровителство на Општина Прилеп и Министерството за култура и туризам, во соработка со Центарот за култура „Марко Цепенков“. Оваа година „Силјан Штркот“ ќе донесе осум фестивалски денови посветени на театарот за деца, а почетокот е со една од приказните со кои генерации деца растеле – „Пинокио“.