Петтото „Зрно“ во Отешево: Фотографија, експеримент и природа во Преспа

Фестивалот „Зрно“ е посветен на алтернативните фотографски процеси, експериментот, природата и слободниот пристап кон фотографијата.

Од 9 до 15 септември, во Отешево ќе се одржи петтото издание на „Зрно“ – фестивалот за алтернативна фотографија, кој повторно ќе собере фотографи од Македонија и од повеќе европски земји.

Фестивалот „Зрно“ е посветен на алтернативните фотографски процеси, експериментот, природата и слободниот пристап кон фотографијата. Во текот на работилниците, околу 30 учесници од Германија, Австрија, Унгарија, Словенија, Романија, Хрватска, Турција, Украина, Србија и Македонија ќе работат со различни аналогни и алтернативни техники, ќе разменуваат искуства и ќе учат едни од други.

Работилниците ќе се одвиваат во амбиентот на Преспа, простор кој, како што посочуваат организаторите, постепено исчезнува, што дополнително го нагласува поврзувањето на фотографијата со природата и локалната средина.

Во текот на годините, „Зрно“ се наметна како значајна платформа за учење и размена на знаења поврзани со алтернативната фотографија, привлекувајќи автори и учесници од повеќе европски земји.

Изложби, филм и музичка програма

Покрај работилниците, петтото издание носи и јавна програма. На 11 септември, во Центарот за култура во Ресен, ќе бидат отворени изложби на Андраш Согор од Будимпешта и Тома Димовски од Скопје, по што ќе следува филмска проекција.

На 12 септември, програмата продолжува на плажата во Отешево, каде Мартина Пенева ќе одржи DJ-сет „Зајдисонце и нова месечина“. Со работилниците и јавната програма, „Зрно“ и оваа година ги поврзува фотографијата, експериментот, природата и луѓето кои сакаат да создаваат и да размислуваат за фотографијата на поинаков начин.

Петтото издание на фестивалот „Зрно“ е делумно поддржано од Министерството за култура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс