Од 4 до 20 јуни, јубилејното петто издание на Инфјужн – Фестивал на инклузија го претвори Скопје во отворена платформа за култура, уметност, едукација, забава и нови начини на поврзување.
Преку работилници, изложби, марш, музички настапи, технологии, друштвени игри, базар, награди и движечка театарска претстава, фестивалот создаде простор во кој лицата со попреченост, младите, семејствата, уметниците, институциите и пошироката јавност не беа само публика, туку активни учесници во заедничка приказна. Петтото издание уште еднаш ја потврди основната порака на Инфјужн: пристапноста не е дополнување, туку култура на живеење, комуникација, создавање и споделување на јавниот простор.
Фестивалот беше отворен на 4 јуни со работилницата „Веземе приказни, шиеме спомени“. Преку игла, конец, бои и имагинација, учесниците создаваа уникатни дела, но и нови пријателства, спомени и моменти за паметење. Работилницата уште еднаш покажа дека креативниот дух живее во секој од нас и дека уметноста може да биде едноставен, но моќен начин за поврзување, соработка и заедничко создавање.
Вториот фестивалски ден, 5 јуни, беше посветен на културата и пристапноста во уметноста. Во Музејот на современата уметност, учесниците ја посетија тактилната изложба и имаа можност да ги истражуваат делата преку допир. Ова искуство понуди поинаков пристап кон уметноста и покажа дека таа не се доживува само со очи. Преку отворање на сетилата, посетителите ја почувствуваа културата на подлабок и поинтимен начин, потврдувајќи дека уметноста треба да биде достапна за сите.
На 6 јуни, „Маршот на исклучените“ ги обедини граѓаните во поддршка за еднакви права, слободни тротоари, безбедни патеки и јавни простори достапни за сите.
Маршот започна пред Владата и Град Скопје, испраќајќи јасна порака дека пристапноста не смее да биде привилегија. Заедно чекореа лица со попреченост, семејства, млади, велосипедисти, пријатели и поддржувачи на идејата дека градот треба да припаѓа на сите.
Програмата продолжи на Летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк со VR искуства, друштвени игри, забава и нови пријателства. Музичкиот дел донесе енергија и атмосфера со настапите на DJ Ficho, Александар Тарабунов и Илија и Дивите.
На 13 јуни, Летната сцена „Лепеза“ беше претворена во целодневна фестивалска зона исполнета со движење, комуникација, креативност и музика преку утринска јога, работилницата „Тивки дружби“, inFusion Базар, street art работилница „Чувствувај во боја“активноста и активноста „Погледни низ моите очи“ во соработка со ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ преку која посетителите имаа можност да се запознаат со Брајовото писмо, паметниот стап, говорните програми и асистивната технологија, како и да искусат различни перспективи за пристапноста и секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со оштетен вид.
На вечерната програма беше отворена со наградите „Шампиони на инклузија“, признанија за поединци, институции, организации и компании кои со своето делување придонесуваат кон поотворено, попристапно и поправедно општество, кои беа доделени на: г. Кристијан Лазарев (заслуги за заедницата на лица со попреченост), Прокредит Банка (општествено одговорна компанија), Наташа Петровиќ (јавна личност), Шведска Амбасада, Општина Бутел и Спортското друштво ИТК Македонија (општествено одговорна организација).
Доделувањето на наградите се одржа во присуство на Претседателката на Република Македонија, г-а Гордана Сиљановска Давкова, како и бројни претставници на институции, организации, компании, гости и поддржувачи на фестивалот.
Вечерта продолжи со богата музичка програма со Драги Иванов, Миа Перевска, Димитар Иваноски, Тина Русева и Мартина & Мето Акустик. Под отворено небо, музиката ја претвори „Лепеза“ во простор за дружење, танц, насмевки и прослава на различноста.
Фестивалот беше заокружен на 20 јуни со интерактивната движечка театарска претстава „Трите света плус еден“. Над 20 учесници, почнувајќи од кафулето „Централ Парк“ во Градскиот парк, поминаа низ три различни светови што ги отворија прашањата за физичката пристапност, оштетувањето на видот, оштетувањето на слухот и достапната комуникација.
Во финалето, на Летната сцена „Лепеза“, сите заедно го создадоа четвртиот свет – светот на заедништвото. Претставата испрати јасна порака дека инклузијата не е само закон или проект, туку секојдневен избор и одговорност на секој човек.
Со ова беше затворено јубилејното петто издание на Инфјужн Фестивалот, оставајќи зад себе нови средби, искуства и силна порака дека културата, градот и јавниот простор се навистина отворени само кога секој има еднаква можност да учествува, создава, ужива и живее.