Од 4 до 8 септември 2026 година, паркот „Авионче“ повторно ќе стане највкусната и најразиграната точка во Скопје. Второто издание на AERO Street Food Festival носи пет фестивалски вечери исполнети со улична гастрономија, концерти, диџеј-сетови и интерактивна забава за публиката.
Под мотото „Поголем, позвучен и поразновиден!“, фестивалот годинава подготвува богата музичка програма. Секоја вечер на сцената ќе настапуваат по еден бенд и по двајца диџеи.
Пред публиката ќе се претстават бендовите South Park, Ringtones, Dopamine, Marbel и Acoustic Division, носејќи различни музички стилови и енергија за сите генерации. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во познати домашни и светски хитови, изведени во живо и во препознатливите аранжмани на секој од бендовите.
За атмосферата пред и по концертните настапи ќе се погрижат Милан Серафимов, Александар Јорданов, „Јанко петел јаваше“, DJ Marko, DJ Vaso, DJ Rizinski, диџеите од Fluere, DJ Guardian, DJ Ficho и диџеите од Sure Shotz, со по два диџеј-сета во текот на секоја фестивалска вечер.
Особено емотивно и музички моќно ќе биде големото финале на 8 септември, кога фестивалот ќе заврши со вечер посветена на две македонски легенди.
Acoustic Division ќе приреди специјален трибјут посветен на Владо Јаневски, додека диџеите од Sure Shotz ќе ја заокружат програмата со посебен музички трибјут посветен на ДНК. Последната фестивалска вечер ќе биде прослава на песните што оставија силна трага во македонската музичка историја и кои публиката ги пее од првиот до последниот стих.
„Како и секоја година, остануваме посветени на македонските изведувачи и домашната музика. Во текот на петте фестивалски вечери, публиката ќе ужива во богата музичка програма, врвна улична храна и бројни забавни предизвици. Веруваме дека AERO Street Food Festival и годинава ќе понуди незаборавно урбано доживување за сите генерации“, изјави Владимир Темелковски, еден од организаторите на фестивалот.
Забавата, сепак, нема да се одвива само на музичката сцена. Секоја вечер посетителите ќе можат да учествуваат во натпревари во брзо јадење, квизови со прашања и одговори, како и во други забавни фестивалски предизвици водени од Бомбакис. Најхрабрите и највештите учесници ќе имаат можност да се натпреваруваат пред публиката и да освојат интересни награди.
Фестивалот веќе втора година по ред ја има клучната поддршка од Општина Аеродром, која уште од почетокот ги препозна вредностите на фестивалот и неговото значење за локалната заедница. А од годинава поддршка дава и Град Скопје, придонесувајќи кон збогатување на културната, забавната и гастрономската понуда на градот. Со афирмацијата на домашната музика, локалните гастрономски брендови и урбаната фестивалска култура, настанот прераснува во нова септемвриска традиција во Скопје.
Од добра храна и музика во живо до натпревари, дружење и незаборавни трибјути – од 4 до 8 септември, паркот „Авионче“ ќе биде местото каде што Скопје ќе јаде, ќе пее и ќе се забавува заедно.