Пет книги за ова лето што се читаат со душа

Од психолошки трилер до нежна приказна за љубовта и тишината, Александра Тодоровиќ препорачува пет книги што ова лето вреди да ги понесете со себе.

Дојде 11 јуни, а со него за младите дојде летниот распуст. За сите останати почнува периодот на годишни одмори, побавно секојдневие и конечно малку повеќе време за себе. Доколку размислувате како да го поминете топлото пладне, утринското кафе или тивката вечер по долг ден, летото е секогаш вистинскиот момент за добра книга.

Книгите се оние тивки сопатници што знаат да нè однесат далеку, дури и кога остануваме на истото место. На плажа, дома, во сенка, во парк или пред спиење, една добра приказна може да биде најубавиот летен одмор.

Затоа, за ова лето ви носиме пет книжевни предлози според Александра Тодоровиќ – авторка, раскажувачка и вљубеничка во приказните, за која книгите не се само читање, туку начин на чувствување, растење и разбирање на светот.

За Александра Тодоровиќ, книгите не се само навика, туку дел од животот, од секојдневието и од начинот на кој го разбира светот. Таа вели дека повеќе од дваесет години книгите се дел од нејзиниот живот, а таа дел од нивниот.

„Благодарение на нив запознав безброј ликови – некои вистински, некои измислени, но сите подеднакво важни. Со нив патував низ светови што никогаш не сум ги посетила, плачев за туѓи судбини како да се мои, се радував на мали победи и научив дека секоја добра приказна остава трага во човекот.

Пишувањето книги за деца е една од моите најголеми љубови, но книгите и децата отсекогаш биле двете најголеми инспирации во мојот живот. Верувам во приказните затоа што тие имаат моќ да нè променат, да нè направат подобри, помудри и похрабри. Работата со луѓе и раскажувањето приказни отсекогаш биле во срцето на сè што создавам, затоа што токму во нив се кријат најголемите вистини за животот“, вели Александра.

Токму затоа, летото за неа отсекогаш било поврзано со книгите. Како што вели, можеби затоа што тогаш деновите се подолги, а душата конечно наоѓа простор да забави.

„Во едно животно темпо кое постојано нè брка, книгите ни дозволуваат да застанеме. Да се сретнеме со себеси. Да размислиме, да почувствуваме и да се потсетиме што е навистина важно.

Верувам дека секој заслужува добра приказна. Затоа што приказните нè градат и нè обликуваат. Со нив растеме, паѓаме, стануваме и повторно продолжуваме напред. Тие нè учат на љубов, загуба, надеж и простување. А времето поминато со книга е време поминато со самиот себе – а тоа денес е можеби најголемиот луксуз што можеме да си го подариме.

Затоа ова лето ви препорачувам пет книги кои на различни начини ме допреа, ме променија и останаа со мене долго откако ја затворив последната страница“, додава Александра.

1. „Поканата“ – Себастијан Фицек

За оние кои летото го сакаат со малку повеќе адреналин, неизвесност и забрзано чукање на срцето, „Поканата“ е совршен избор. Себастијан Фицек уште еднаш покажува зошто важи за еден од најдобрите современи автори на психолошки трилери. Со темпо кое не дозволува здив и пресврти кои доаѓаат токму кога мислите дека ја знаете вистината, ова е книга што се чита во еден здив. Ако сакате приказни што ве држат будни до доцна во ноќта и ве тераат да се сомневате во секој лик, ова е книгата за вас.

2. „Тео од Голден“ – Ален Ливај

Постојат книги кои нè забавуваат и книги кои нè менуваат. „Тео од Голден“ е токму таква книга. Преку една топла, човечна и незаборавна приказна, Ален Ливај нè потсетува дека најголемите чуда во животот често се скриени во најмалите добрини. По читањето почнувате да ги забележувате луѓето околу себе поинаку – со повеќе разбирање, повеќе емпатија и повеќе благодарност. Во време кога светот изгледа пребрз и премногу гласен, ваквите приказни нè потсетуваат дека животот сè уште го прават љубезноста, човечноста и љубовта што ја оставаме зад себе.

3. „Свеќите горат до крајот“ – Шандор Мараи

Постојат книги кои се читаат и книги кои се доживуваат. За мене, „Свеќите горат до крајот“ е едно од најголемите книжевни ремек-дела што сум ги прочитала. Секоја страница носи животна мудрост, секој дијалог отвора прашања за љубовта, пријателството, гордоста и цената што ја плаќаме за нашите избори. Ова е роман што не нуди лесни одговори, туку нè повикува длабоко да погледнеме во себе. Поетичен, меланхоличен и бескрајно мудар, ова е наслов што останува во срцето долго откако ќе се изгасне последната свеќа.

4. „Маџун“ – Влада Урошевиќ

Малкумина умеат да раскажуваат приказни како Влада Урошевиќ. „Маџун“ е книга која плени со својата животна енергија, мудрост и раскошна фантазија. Главниот лик е еден од оние книжевни карактери што изгледаат поголеми од животот, толку впечатливи што почнувате да се прашувате дали навистина постоеле. Во романот се испреплетуваат сеќавања, легенди, реалност и магија на начин што само голем раскажувач може да го направи. Ова е книга која ве потсетува колку е убаво да се биде љубопитен кон светот.

5. „Свила“ – Алесандро Барико

Ако летото има книжевен еквивалент, за мене тоа би била „Свила“. Нежна, суптилна и бескрајно елегантна, оваа кратка книга носи емоции кои се чувствуваат долго по читањето. Барико пишува со леснотија што потсетува на поезија, а секој збор е внимателно поставен на своето место. Ова е приказна за љубовта, копнежот и тишината меѓу кажаното и неискажаното. Совршена книга за топло летно попладне кога сакате да прочитате нешто што ќе ве допре без многу врева.

Читајте. Најдете време за себе. За една страница повеќе пред спиење, за едно поглавје на плажа, за една приказна што ќе ве натера да размислувате поинаку. Затоа што книгите не го менуваат светот одеднаш – тие го менуваат човекот. А понекогаш токму тоа е доволно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс