Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави интегралното издание на графичкиот роман „Персеполис“ од иранско-француската илустраторка, писателка и режисерка Марџан Сатрапи, во превод на Владо Ефтимов.
Книгата е објавена во рамки на проектот „ЕУрека: Читањето – семе на иднината!“, а ова е прво интегрално издание на „Персеполис“ на македонски јазик.
Во ова дело Сатрапи го претвора личното сеќавање во политичко сведоштво, осветлувајќи теми како репресија, прогонство, созревање и отпор, преку искреност, хумор и човечност.
Еден од најуспешните мемоари во форма на стрип
„Персеполис“ е објавуван во периодот од 2000 до 2003 година и се смета за еден од најпродаваните и меѓународно најуспешни мемоари во форма на стрип.
Делото претставува сведоштво за животот во Иран од крајот на седумдесеттите до средината на деведесеттите години од 20 век. Во фокусот е детството и созревањето на Марџан во Техеран за време на Исламската револуција, животот меѓу приватното и јавното во земја погодена од политички превирања, нејзините средношколски години во Виена, враќањето дома и самонаметнатиот егзил од татковината.
Суров, продорен и искрен, често потресен, но проткаен со непосреден хумор и тешко стекната мудрост, „Персеполис“ се издвојува како едно од најзначајните дела на Сатрапи, уникатно и по својот ликовен и по својот пишан израз. Делото се смета и за прв ирански стрип, односно графички роман.
Од книгата е создаден и наградуван анимиран филм
Според првите два дела од книгата, во 2007 година е создаден долгометражен анимиран филм како заедничка креација на Марџан Сатрапи и францускиот автор на стрипови и филмови Венсан Пароно, познат и како Виншлус.
Филмот премиерно бил прикажан на Канскиот филмски фестивал, каде што ја освоил Наградата на жирито. Подоцна бил номиниран и за Оскар во категоријата најдобар анимиран долгометражен филм, при што Сатрапи стана прва жена номинирана во таа категорија.
Изданието е поддржано од Креативна Европа
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во рамки на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“, како и на Министерството за култура на РС Македонија.
Изданието е достапно во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.
За авторката и преведувачот
Марџан Сатрапи е француска илустраторка, писателка и режисерка од иранско потекло. Родена е во иранскиот град Решт, а пораснала во Техеран, каде што учела во француско училиште. Во 1983 година, родителите ја испратиле во Виена за да ја заштитат од политичките превирања, а подоцна студирала ликовни уметности во Иран и се преселила во Франција.
Владо Ефтимов е роден во Штип во 1956 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Катедрата за романска филологија. Со преведувачка дејност од француски и од српски јазик се занимава речиси пет децении и има преведено седумдесетина дела за млади и возрасни, како и стотина книги, сликовници и боенки за најмладите читатели.