Пеп Гвардиола ја одби Италија: Реши да направи пауза наместо да стане селектор на „Аѕурите“

Пеп Гвардиола ја одби понудата да стане селектор на Италија. По заминувањето од Манчестер Сити, шпанскиот стратег сака да се одмори, да поминува време со семејството и да патува.

Пеп Гвардиола ја одби понудата да ја преземе италијанската фудбалска репрезентација, објави Би-Би-Си. Раководството на Италијанската фудбалска федерација, предводено од претседателот Џовани Малаго, оваа недела разговарало со шпанскиот тренер, но тој решил да остане на својот претходно утврден план – да направи пауза од фудбалот.

Гвардиола, кој летово го напушти Манчестер Сити по десет години, сака времето да го посвети на одмор, семејството и патувања. Според италијанските медиуми, Федерацијата била подготвена да направи исклучок и околу неговата плата, како и да му овозможи целосна слобода во организацијата на работата. Сепак, по дополнително размислување, Шпанецот ја одбил понудата.

Гвардиола зад себе остави исклучително успешен период во Манчестер Сити, каде освои 20 трофеи и оствари процент на победи од 70,8 проценти. Техничкиот директор на Италијанската фудбалска федерација, Паоло Малдини, откри дека пред Гвардиола бил контактиран и Карло Анчелоти, но искусниот италијански стратег решил да остане селектор на Бразил.

По одбивањето на Гвардиола, како главен кандидат за селекторската функција останува Андреа Пирло, кој моментално го води клубот Јунајтед од Дубаи. Италија е во потрага по нов селектор откако Џенаро Гатузо ја напушти функцијата по неуспехот во баражот за пласман на Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико. „Аѕурите“ пропуштија три последователни мундијали, што претставува еден од најтешките периоди во историјата на италијанскиот фудбал.


е-Трн да боцка во твојот инбокс