Највисоките американски воени претставници, вклучувајќи го адмиралот Бред Купер, командант на Централната команда на САД, денеска ќе му претстават на претседателот Доналд Трамп можни воени опции против Иран. На брифингот ќе учествуваат и министерот за одбрана Пит Хегсет и началникот на Здружениот генералштаб Ден Кејн.
Иако не се откриени детали за конкретните опции, се очекува разговорите да бидат насочени кон мерки со кои Иран би се принудил да се врати на преговори за прекин на конфликтот.
Според извештај на Axios, подготвен е план за „краток и силен“ бран на удари врз ирански цели, вклучително и инфраструктура, како и алтернативна стратегија за преземање контрола над дел од Хормушки теснец со цел повторно отворање за трговски бродови.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ја оцени американската блокада на иранските пристаништа како „осудена на пропаст“, предупредувајќи дека таа само ќе ја зголеми нестабилноста во Персискиот Залив. Во меѓувреме, Мохсен Резаи, поранешен командант на Револуционерната гарда, предупреди дека Иран ќе возврати доколку блокадата продолжи, вклучително и со можни напади врз американски бродови.
Се огласи и врховниот лидер Моџтаба Хамнеи, кој порача дека во Персиски Залив и Хормушки теснец се отвора „ново поглавје“ по, како што рече, неуспехот на американските планови. Тој ја обвини американската воена присутност за нестабилноста во регионот и нагласи дека иднината на Заливот ја гледа „без Америка“.
Хамнеи повтори дека Иран нема да се откаже од своите воени капацитети, истакнувајќи дека нуклеарните и ракетните способности ќе останат заштитени како национален капитал.