Пеколните температури се враќаат: Македонија ја очекува нов топлотен бран

По краткото освежување, Македонија повторно влегува во период на високи температури. Според прогнозите на УХМР следуваат сончеви денови со температури до 37 степени.

По неколкудневното освежување, Македонија повторно ќе биде зафатена од стабилно и претежно сончево време, со постепен пораст на дневните температури. Според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во текот на неделата повторно ќе се почувствува вистинската летна жештина.

УХМР најавува претежно сончево време со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Утринските температури ќе останат релативно пријатни, но дневните од ден на ден ќе бидат сè повисоки.

Од средината на неделата започнува нов бран на високи температури. Во најтоплите делови од земјата живата во термометарот ќе се искачи над 35 степени, а во југоисточните и централните региони локално може да достигне и околу 37°C.

Според метеоролозите во Скопје температурата во следните денови ќе се движи меѓу 32 и 37 степени, при што најтопло се очекува кон крајот на работната недела. Ноќите ќе бидат посвежи, со температури околу 15 до 18 степени, што ќе донесе краткотрајно олеснување.

Слично време се очекува и во останатите делови од државата. Во Битола и Охрид ќе биде нешто посвежо, со максимални температури околу 30 до 32 степени, додека во Струмица, Гевгелија, Демир Капија и Валандово повторно ќе владее вистинска летна жештина.

Метеоролозите препорачуваат граѓаните да избегнуваат подолг престој на директно сонце во периодот од 11 до 17 часот, да внесуваат повеќе течности и да бидат особено внимателни доколку припаѓаат на ранливите категории – постари лица, деца и хронично болни.

Според актуелните прогнози, не се очекуваат позначајни врнежи во поголемиот дел од неделата, што значи дека Македонија повторно влегува во период на стабилно, суво и многу топло летно време.

е-Трн да боцка во твојот инбокс