Европа се соочува со еден од најсилните топлотни бранови во последните години, а метеоролозите предупредуваат дека температурните рекорди оваа недела не само што ќе бидат достигнати, туку и значително надминати. Станува збор за втор голем топлотен бран во последните два месеци, додека предупредувања за екстремни горештини се издадени во 23 европски земји. Највисоко, црвено ниво на тревога е прогласено во Германија, Франција, Шпанија, Швајцарија и Луксембург.
Десетици загинати во Франција
Трагичните последици од жештините веќе се чувствуваат низ Европа. Во Франција, 40 лица се удавиле во последните денови обидувајќи се да се разладат и да избегаат од екстремните температури. Слични случаи на давење се регистрирани и во Германија. Франција денес го забележа најтоплиот ден откако се водат мерења. Просечната температура во земјата достигна 29,8 степени Целзиусови, што претставува нов национален рекорд од почетокот на мерењата во 1947 година.
Само еден ден претходно беше регистрирана и најтоплата ноќ во последните речиси осум децении, со просечна температура од 21,6 степени.
Над 45 степени во Шпанија
Во јужните делови на Шпанија, особено во Андалузија, температурите веќе надминаа 45 степени Целзиусови. Речиси целата земја е под предупредување поради опасни горештини, а во одредени региони е прогласена и вонредна состојба.
Иако Велика Британија денес не го собори историскиот јунски рекорд, температурите достигнаа 34,6 степени Целзиусови. Метеоролозите предупредуваат дека рекордите најверојатно ќе паднат во следните денови. Од среда стапува во сила ретко црвено предупредување за екстремна топлина во делови од Англија и Велс, додека портокалови предупредувања се прошируваат на речиси целата територија.
Европа воведува вонредни мерки
Поради екстремните услови, многу европски држави воведуваат посебни мерки за заштита на населението. Во некои земји се скратува наставата, се отвораат климатизирани јавни простори, а властите апелираат граѓаните да избегнуваат престој на отворено во најтоплиот дел од денот. Метеоролозите предупредуваат дека топлотниот бран ќе продолжи и во наредните денови, со можност за нови температурни рекорди низ континентот.