Меѓународните спасувачки тимови водат трка со времето во Венецуела по разорните двојни земјотреси што ја погодија земјата на 24 јуни. Според прелиминарни податоци, силните потреси од 7,2 и 7,5 степени по Рихтер предизвикале огромни штети, а нови сателитски анализи на НАСА укажуваат дека над 58.000 објекти веројатно се оштетени или целосно уништени.
Официјалниот број на загинати, според администрацијата на привремената претседателка Делси Родригез, веќе достигнал 1.943 лица, но меѓународните организации предупредуваат дека реалната бројка може да биде значително повисока.
Координаторот на ОН во Венецуела, Ханлука Рамполa дел Тиндаро, изјави дека организацијата тесно соработува со локалните власти и дека ситуацијата е исклучително сериозна. „Без сомнение се соочуваме со поголем број жртви од досега пријавениот“, изјави тој, додавајќи дека е започната набавка на 10.000 вреќи за тела.
Координаторот на ОН за хуманитарна помош, Том Флечер, предупреди дека бројот на жртви ќе продолжи да расте, а околу 50.000 лица сè уште се водат како исчезнати. Околу 16.000 луѓе останале без домови и се сместени во импровизирани кампови низ целата земја.
Најтешко погодена е сојузната држава Ла Гуаира, каде според сведоштва на преживеани има голем број исчезнати лица, меѓу кои и десетици депортирани граѓани од САД кои непосредно пред земјотресот биле сместени во локален објект.
Во главниот град Каракас, спасувачите и понатаму извлекуваат преживеани од урнатини. Во една драматична акција, било спасено мало дете од урната зграда, што накратко донесе надеж во хаосот. ОН предупредуваат дека урбаните операции за пребарување и спасување обично се намалуваат по пет до седум дена од силен земјотрес, но и покрај тоа, тимовите продолжуваат да пронаоѓаат преживеани под урнатините.