Пекол во Париз: Забрана за алкохол на улиците – болниците пред колапс, 40°C ја парализира Франција!

Париз воведува итна забрана за консумација и продажба на алкохол на јавни места поради екстремен топлотен бран. Болниците се преоптоварени, а Франција се соочува со рекордни температури и зголемен број итни случаи.

Париските власти воведуваат привремена забрана за консумирање алкохол на јавни места поради невиден топлотен бран кој ги доведе болниците во француската престолнина на работ на издржливост. Мерката стапува на сила денес напладне, со цел да се намали притисокот врз итните служби кои се преоптоварени поради екстремните температури, пренесува „Гардијан“.

Началникот на париската полиција, Патрик Форе, изјави дека болниците достигнале „точка на заситеност“. Тој предупреди дека новите мерки, кои вклучуваат и забрана за продажба на алкохол за носење, се неопходни за да се спречи понатамошен раст на хоспитализациите. „Морам да обезбедам притисокот да се намали“, изјави Форе.

Француската министерка за здравство, Стефани Рист, ја потврди сериозноста на ситуацијата, наведувајќи дека во последните 24 часа во Париз е забележан четирикратен пораст на случаи на срцев застој во однос на вообичаеното. Таа истакна дека срцеви удари се појавуваат и кај помлади лица.

Како функционира забраната?

Забраната за консумирање алкохол на јавни површини почнува денес напладне и ќе трае до сабота во 7 часот наутро, а потоа повторно ќе биде активна од сабота напладне до недела наутро. Мерката не важи за угостителски објекти со тераси.

Дополнително, продажбата на алкохол за носење е забранета од петок навечер до сабота наутро, како и во истиот термин за викендот. Температурите во Париз достигнаа 40,9°C – највисок јунски рекорд досега. Од почетокот на топлотниот бран во Франција се регистрирани најмалку 48 смртни случаи од давење, додека три мали деца починале како последица на вжештени автомобили.

За да се олесни ситуацијата за околу два милиони жители, властите веќе воведоа повеќе мерки: затворање на училишта, деноноќно отворање на паркови и ограничувања на големи јавни настани. Ајфеловата кула и Лувр привремено го скратија работното време.

Црвена тревога и еколошки последици

Повеќе од 44 милиони жители во Франција се под највисоко, црвено предупредување за топлотен бран. Поради прегревање на реките, привремено се исклучени и два нуклеарни реактори за да се избегне испуштање премногу топла вода во животната средина. Екстремните температури предизвикаа и масовен помор на стотици илјади птици на фарми во регионите Бретања и Пеи де ла Лоар. Според прогнозите, топлотниот бран ќе продолжи уште неколку дена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс