Големи пожари зафатија повеќе делови од Грција, при што најкритична е ситуацијата на островот Крит и во централниот дел од земјата. Огнената стихија предизвика уништување на куќи и деловни објекти, а повеќе од 200 пожарникари со поддршка на авиони и хеликоптери се обидуваат да го стават огнот под контрола.
Во Ираклион на Крит, пожар избувнал во складиште за дрва и брзо се проширил кон околните објекти, при што изгореле најмалку четири куќи и биле оштетени две деловни згради, додека густ чад се издигнал над градот. Жителите добиле итно предупредување да останат во затворени простории и да ги затворат прозорците и вратите.
Во гаснењето учествуваат околу 95 пожарникари, 18 возила и еден хеликоптер, но пожарот сè уште не е целосно изгаснат. Паралелно, голем шумски и земјоделски пожар избувнал и во близина на градот Орхоменос во централна Грција, каде што се ангажирани над 100 пожарникари, 25 возила, како и 10 авиони и три хеликоптери. Пожарот избувнал во близина на населено место, поради што ситуацијата е дополнително сериозна.
Активиран е систем за итно предупредување, а истражни тимови работат на утврдување на причините, додека се користат и дронови со термални камери за следење на огнената линија во реално време.