Меѓународниот фестивал на современа уметност и култура „Пеењето на славејот 2026 | Ноќ на границата“ ќе се одржи од 18 до 20 септември во пограничното место Лемос (Лаимос) во Преспа. Локацијата на фестивалот се наоѓа на само неколку метри од историскиот граничен премин Лемос – Маркова Нога, кој е затворен уште од 1967 година.
Настанот ќе обедини над 75 творци од осум земји преку визуелна уметност, музика и филм, со цел границата да стане точка за поврзување. Како коорганизатор на ова меѓународно издание се јавува НУ Манифестација „Смилевски конгрес“, преку својата платформа „Kooperacija Sessions“.
Од установата истакнуваат дека манифестацијата има исклучително значење за унапредување на меѓусоседските односи, како и за афирмација на автентичната македонска уметност и музика изведена на македонски јазик во соседната земја.
Програмата опфаќа повеќе содржини, меѓу кои меѓународна изложба на современа уметност и прекугранична музичка средба наменета за настапи на музичари од Македонија и Грција под името „Ноќ на границата“. Предвидени се и филмски проекции на избрани кратки филмови во соработка со два фестивали, „Balkans Beyond Borders Short Film Festival“ и „Florina International Film Festival“.
Манифестацијата се организира под покровителство на Министерството за култура на Република Грција и Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.