Бизнисот бара работници додека 88.500 граѓани чекаат работа

Анкетата на АВРСМ открива длабок јаз меѓу потребите на компаниите за среден стручен кадар и образовниот профил на активните баратели.

Македонскиот пазар на труд покажува изразена структурна неусогласеност во првата половина од 2026 година. Иако заклучно со јуни во Агенцијата за вработување се евидентирани 88.541 активни баратели на работа, речиси 62 отсто од анкетираните работодавачи пријавиле потреба од нови вработувања, при што најголем дел од побарувачката е концентриран во преработувачката индустрија, трговијата и градежништвото.

Анкетното истражување на Агенцијата за вработување, спроведено врз примерок од над 3.000 компании од приватниот сектор со најмалку седум вработени, покажува дека работодавачите проектираат реализација на 14.498 нови работни места. Според дејностите, најголем дел од потребите, односно 36,8 отсто (5.328 вработувања), се во преработувачката индустрија. По неа следуваат трговијата на големо и мало со 16,2 отсто (2.342 вработувања), градежништвото со 9,9 отсто и угостителскиот сектор со 6,6 отсто од вкупните проектирани позиции.

Гледано според големината на субјектите, најголем дел од новите позиции треба да се отворат кај средните претпријатија (38,8 отсто), по што следат малите компании со 32,2 отсто и големите деловни субјекти со 29 отсто од вкупната побарувачка.

Податоците откриваат сериозена разлика меѓу побарувачката и понудата на работна сила. Додека фирмите пријавуваат дека 51,7 отсто од новите работни места бараат завршено средно образование, а 31 отсто основно образование, структурата на евиденцијата на невработени покажува дека дури 60,9 отсто од активните баратели на работа се без образование или само со завршено основно училиште.

Кадарот со средно стручно и општо образование сочинува 31,8 отсто од невработените, додека лицата со високо образование учествуваат со 6,8 отсто. Кај дејностите со висока додадена вредност, како што се компјутерското програмирање, телекомуникациите и стручните научни дејности, работодавачите бараат над 76 отсто високообразован кадар, што дополнително го стеснува кругот на соодветни кандидати.

Евиденцијата на Агенцијата покажува и доминација на нестабилни форми на ангажман. Од вкупно 196.276 регистрирани пријави за заснован работен однос (М-1 обрасци) во изминатиот едногодишен циклус, 56,7 отсто се склучени на определено време или за сезонска работа, додека 43,3 отсто се договори на неопределено време.

Дополнителен предизвик е должината на чекање работа. Од лицата на евиденцијата, 71,1 отсто чекаат вработување подолго од 12 месеци, што укажува на долготрајна пасивизација на значаен дел од работната сила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс