Search

Павлаковиќ: Би снимила акциона сцена со Чак Норис ако режира Тарантино

Ивана Павлаковиќ е девет години дипломирана глумица во класата на Зоја Бузалковска. Вели дека професијата која ја работи и е битна и неизмерно е среќна што била дел од „Макбет“, „Венера во крзно“, „Солун град на духови“, „Работи за кои не зборуваме“, „Антигона и Креонт“, „Ждрело“, „Реалисти“, „Fictional State“ која ја работела во Хамбург и уште 15-тина други претстави во нејзината кариера. „Сметам дека станувам подобар и посвесен човек после секој процес кој го поминувам, независно дали е во театар или на филм. Многу сум љубопитна и сакам тоа чувство никогаш да не ми престане.“- вели Ивана за рубриката „Боцкај во сабота“.

Трн: Која улога те има исполнето целосно?

Ивана: Секоја на свој начин и во различен период ми отварала и лечела рани. Ама Ванда во „Венера во крзно“ ми е се уште фаворит, можеби зашто во прав момент ми даде алиби малце послободно да се погледнам себе во огледало, да ги осознаам своите маани и да научам нешто повеќе за себе и за другите.

Трн: Што избираш, штиците што живот значат, големото платно или телевизиските серии, имаш ли удобно скривалиште?

Ивана: Секаде онаму каде што до крај ќе можам да го бранам својот лик и да работам со екипа со која ќе раскажуваме заедничка приказна.

Трн: Која ти е неостварена улога од детството?

Ивана: Како мала ептен сакав да бидам дел од бандата на Е.Т. и на Петар Пан. Се уште не се откажувам.

Трн: А кога ќе пораснеш, која улога ја сакаш?

Ивана: Имам уште толку многу за откривање пред себе, па не би да останам само на една улога.

Трн: Знаеш да си сериозна или цело време глумиш? Дали сериозноста на животот те спречува во неговото глумење?

Ивана: Не постои човек кој во одреден момент не глумел за одредена работа. Проблемот се јавува кога тоа станува начин на живот. За среќа, мене работата во театар и на филм некако ме научила да не ги мешам животот и професијата. Дури би рекла дека повеќе пати сум се изгорела заради мојата искреност.

Трн: Со кои актери имаш одиграно сцена што те изреметува цел живот?

Ивана: Секој партнер со кој сум застанала на сцена имал своја посебна патина. Мене процесите додека работиме некоја претстава ми се од исклучително значење, ден денес ги памтам како вчера да се ми случиле и драго ми е кога се навраќам на нив зошто ми се многу битни, памтам мириси, слики, ситуации, чувства. Па како исклучително важни процеси ќе ги издвојам претставите  “Венера во крзно” во режија на Ивана Ангеловска и “Антигона и Креонт” на Нела Витошевиќ, каде што непосреден партнер ми бил Благој Веселинов, со кој точно со поглед сме се разбирале и чувствувале од почетокот до крајот на секоја изведба. А тоа е многу, многу ретко и драгоцено.

Трн: Повеќе сакаш улоги кои ја смеат публиката или ја вознемируваат?

Ивана: Сакам суштински и комплексни улоги кои ќе ги бранам- колку и на моменти да ми изгледаат неодбранливо заради нивната биографија. Задоволна сум кога мојот лик комуницира со публиката и на природен начин ја тера да си постави или добие одговор на некои прашања.

Трн: Во која холивудска улога се препознаваш и дали има сцена за која сметаш дека ти подобро би ја изиграла?

Ивана: You don’t have to act with me, Steve. You don’t have to say anything and you don’t have to do anything. Not a thing. Oh, maybe just whistle. You know how to whistle, don’t you Steve? You just put your lips together, and blow. Не верувам дека постои некој кој подобро ќе ја изговори репликава од Лорен Бекол, ама си посакувам улога како нејзината во To Have And Have Not.

Трн: Со кој актер би снимила акциона сцена?

Ивана: Со Чак Норис, али боса- под услов Тарантино да режира. Па комотно да горам во пеколот после тоа.

Трн: Што те исполнува периодов?

Ивана: Во моментов ме исполнува работата во “Арт бригада” во Бруталиск каде што заедно со мојата драга другарка и колешка Сања Арсовска водиме драмско студио за деца и имаме две исклучително талентирани групи , доста нов и инспиративен период ми е ова зошто чувствувам како учам некои нови работи од нив. На репертоар имам две претстави, “Работи за кои не зборуваме” и  “Едвард раце ножици” и се спремам во јуни да се вратам во Белград каде што ме очекува втор дел на снимањето на долгометражниот филм “Beneath The Houses”. Паралелно во слободно време сум Стево Карапанџа во кујна и уживам во книгите на Сорентино.

Трн: Зошто уште невработена или подобро така?

Ивана: Прашањето е на погрешна адреса. Девет години како сум дипломирана, а се уште не ми оди од рака да се смешкам, трепкам и да молам по кабинети. Ме исчеличија. Некако како проаѓа време, се ова ми изгледа на една борба со ветерници која се врти во круг, па не ти преостанува ништо освен да спуштиш рамена и да чекаш со години да се отвори конкурс, а тоа знае по малку да боли посебно ако се бавиш со оваа професија, ако си некој кој се бави со уметност. Најстрашното е што сите си ја подаваат валканата топка меѓу себе, а никој не сака да преземе одговорност за неа, да ја избрише и да почне од почеток со играта. Па така, неми сведоци сме на мноогу валкани кошули и прљави раце на сите страни. Мене ми останува да набљудувам будно од страна- како никогаш порано сум сигурна дека мојава борба со ветерници нема да биде залудна, зошто чувствувам дека не сум ги напуштила своите вредности и принципи.

Трн: Каде ни е кинематографијата, а каде театарот?

Ивана: Далеку од тоа дека сум авторитет кој ќе го послушаат, ама за жал сведочиме на  инцидентни успеси и во кинематографијата и во театарот. Се друго се сведува на локален успех. Сметам дека доколку малку повеќе внимание се посветува на суштината и пораката која тие дела ја имаат, а не на маркетингот- би имале далеку поголеми успеси.

Трн: Се гледаме наскоро?

Ивана: Во моментов чекам две премиери на два краткометражни филмови кои ги работев во последниве  месеци, “Турбо Нет” на Надежда Панов, една сјајна млада режисерка со која имав одличен процес на работа- како и со целата екипа на сет и “Так Так” во режија на Јане Алтипармаков. “Beneath The Houses” во режија на Невен Руфио е насловот на долгометражниот филм кој го снимам во Белград, екипата е интернационална,  прв пат имам прилика на сет да работам на српски и англиски јазик, играм еден доста комплексен лик, па со нетрпение очекувам да се вратам на сет во јуни и да го доснимам. Нова претстава од септември.

Фотографии: Ангел Ангеловски

Најново

Последни колумни