Со солзавец против музиката: 400 музичари продолжија да свират додека полицијата интервенираше во Париз

Оркестарот „Нов свет“ требало да одржи концерт во знак на солидарност со студентските и средношколските протести во Франција. Наместо концерт, музичарите се соочиле со солзавец и шок-гранати, а снимките од нивниот отпор се проширија на социјалните мрежи.

На Плоштадот на Републиката во Париз, додека француската полиција употребувала солзавец за време на масовните протести на 17 октомври, стотици музичари продолжиле да свират. Наместо да ја прекинат музиката при првите облаци солзавец, членовите на оркестарот „Нов свет“ (L’Orchestre du Nouveau Monde) се обиделе да го продолжат настапот, создавајќи една од највпечатливите сцени од протестите во Франција.

Оркестарот, составен од професионални музичари и аматери, се собрал за да им даде поддршка на младите кои протестираат против состојбите во образованието и пошироките социјални проблеми во земјата.

Музичарите пристигнале на плоштадот околу 11:30 часот и започнале со проба. Концертот бил најавен за 13 часот, еден час пред официјалниот почеток на протестниот марш.

Но, околу пладне, ситуацијата драматично се променила.

Според сведоштвата на претставници на оркестарот, полицијата употребила солзавец, а потоа следувале и шок-гранати. Музичарите тврдат дека концертот бил претходно пријавен и дека полицијата била информирана за нивното присуство.

Музиката продолжила и покрај солзавецот

На видеоснимките што се проширија на социјалните мрежи се гледа како диригентот се обидува да го одржи ритамот, додека музичарите продолжуваат да свират во услови на полициска интервенција.

Според францускиот весник Libération, музичарите се обидувале да продолжат со изведбата додека солзавецот се ширел низ плоштадот. Диригентот Етјен Жарие раскажал дека гранати паѓале меѓу инструментите и нивните футроли, пред оркестарот конечно да биде принуден да се повлече.

Настапот не можел да продолжи според планот. Но, снимките од музичарите кои не престануваат да свират и покрај солзавецот станаа симбол на ненасилниот отпор.

Кој е оркестарот што ѝ се спротивстави на полициската интервенција?

„Оркестарот на новиот свет“ е музички колектив кој ги поврзува класичната музика и општествениот активизам.

Неговите членови се залагаат за социјална и климатска правда, а настапуваат и на јавни собири и протести. Колективот се претставува како антирасистички, феминистички и еколошки ангажиран.

Под диригентската палка на младиот Етјен Жарие, оркестарот претходно настапувал и на други собири поврзани со средношколските протести во Париз.

За музичарите, класичната музика не е само уметност што се изведува во концертни сали, туку и средство за изразување политички и општествени ставови.

Протести што ја потресоа Франција

Инцидентот се случил во текот на масовните демонстрации на 17 октомври, кога стотици илјади луѓе излегоа на улиците низ Франција поради растечките трошоци за живот и во поддршка на средношколските протести.

Во повеќе градови демонстрациите биле проследени со сериозни судири, насилство и полициски интервенции.

Сепак, случајот со оркестарот отвори посебно прашање за постапувањето на полицијата кон мирни учесници на протестите.

Според организаторите, нивниот настап бил најавен, а музичарите не претставувале закана. Тие ја осудија употребата на солзавец и шок-гранати, оценувајќи дека станува збор за неприфатливо ограничување на уметничкото изразување и правото на протест.

Сликата од Париз останува впечатлива: на едната страна полициска интервенција и солзавец, на другата стотици луѓе со виолини, виолончела, труби и други инструменти.


Иако концертот бил прекинат, музиката стигна многу подалеку од Плоштадот на Републиката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс