Парамаунт и Ворнер Брос се спојуваат под ново заедничко име Скајденс

Зделката вредна 110 милијарди долари значи спојување на две историски филмски студија и ги става нивните стриминг сервиси под иста контрола.

Американските медиумски гиганти Парамаунт и Ворнер Брос Дискавери од шести октомври ќе работат под заедничкото име Скајденс, потврди извршниот директор Дејвид Елисон. Договорот тежок околу 110 милијарди долари става точка на долгата битка за преземање на холивудските студија и нивните стриминг платформи. Со ова обединување, продукциските капацитети, телевизиските мрежи и глобалните филмски франшизи преоѓаат под една корпоративна капа.

Договорот комбинира два холивудски играчи со сопствени стриминг сервиси — Парамаунт плус и Ејч-би-о макс. Во новиот пакет влегуваат и телевизиските мрежи Си-би-ес, Си-ен-ен, Ем-ти-ви, Ти-би-ес, Комеди сентрал и Фуд нетворк.

Скајденс ја презема и директната контрола врз големи светски франшизи. Меѓу нив се „Господар на прстените“, „Игра на тронови“, филмскиот универзум на Ди-си и серијата „Јелоустоун“.

Финализирањето на зделката следи по долготрајни правни и корпоративни превирања. Претходно Нетфликс имаше постигнато договор за купување на стриминг и студискиот бизнис на Ворнер Брос, но пошироката понуда на Парамаунт го пренасочи процесот.

Дванаесет сојузни држави во САД поднесоа тужба против спојувањето, тврдејќи дека ќе ја намали пазарната конкуренција и ќе им наштети на работниците и потрошувачите. Спорот заврши откако надлежниот судија одобри спогодба со државните обвинители.

Новото име потекнува од оригиналната продукциска куќа на Дејвид Елисон, но студиските брендови остануваат активни.

Елисон на социјалната мрежа Икс објави дека новото корпоративно име нема за цел да ги засени постојните компании:

„Парамаунт и Ворнер Брос обликуваа повеќе од еден век култура. Со нивното комбинирање не ја препишуваме историјата, туку ги опремуваме овие култни студија со помоќен мотор.“

Новиот корпоративен субјект официјално почнува со заедничка работа на 6 октомври.

е-Трн да боцка во твојот инбокс