Папата Лав XIV ќе го благослови новиот торањ на Саграда Фамилија во Барселона

Папата Лав XIV ја продолжува посетата на Шпанија со благословување на новиот торањ на Саграда Фамилија и одбележување на 100 години од смртта на Антони Гауди.

Папата Лав XIV денеска ќе го благослови новиот торањ на базиликата Саграда Фамилија во Барселона и ќе предводи света миса во едно од најпознатите архитектонски дела во светот. Со завршувањето на новиот торањ, Саграда Фамилија официјално стана највисоката црква во светот.

Посетата на поглаварот на Католичката црква се совпаѓа со 100-годишнината од смртта на славниот архитект Антони Гауди, кој починал на 10 јуни 1926 година откако бил прегазен од трамвај на пат кон молитва.

Саграда Фамилија е еден од најпрепознатливите симболи на Барселона и една од најпосетуваните туристички атракции во Европа. Минатата година ја посетиле речиси пет милиони туристи.

Папата Лав XIV пристигна во Шпанија во саботата, а посетата ја започна во Мадрид. Во своите обраќања тој предупреди на опасностите од политичка и општествена поларизација, повикувајќи на дијалог и мир наместо конфликти и ново вооружување.

Истовремено, тој најави посилна ангажираност на Католичката црква во борбата против сексуалното насилство извршено од припадници на свештенството. Пред посетата на Саграда Фамилија, папата треба да посети затвор и манастирскиот комплекс Монсерат во близина на Барселона.

По престојот во каталонската престолнина, Лав XIV ќе отпатува на Канарските Острови, каде што во фокусот на неговите средби ќе биде миграциската криза и предизвиците со кои се соочува овој важен влезен пункт кон Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс