Тирана ја потресуваат судири, синоќа 13 повредени и најави за нови протести денес

Меѓу повредените има демонстранти, полицајци и медиумски работници. По повеќечасовните судири, за денеска во 14 часот е најавено ново собирање пред Министерството за образование.

Тринаесет лица побарале медицинска помош по вчерашните судири во Тирана, каде што протестите повторно прераснаа во повеќечасовни пресметки со полицијата. Според здравствениот биланс со пресек во 19:45 часот, повредени се осум демонстранти, тројца полицајци и двајца медиумски работници, пренесува Рацин.

Собирот на 24 октомври започнал околу 14 часот пред Министерството за образование, на дванаесеттиот ден од протестите. Судирите потоа се прошириле низ повеќе делови од центарот на албанската престолнина.

Дел од учесниците фрлале камења, пиротехника и молотови коктели, додека полицијата употребувала солзавец, водени топови и гумени куршуми. Биле запалени контејнери и оштетени излози, а пожар избувнал и на влезот на Министерството за животна средина.

Меѓу повредените и двајца медиумски работници

Во Универзитетската болница за трауматологија биле примени седум демонстранти и двајца медиумски работници. Според објавениот пресек, четворица демонстранти продолжувале со прегледи и лекување, а останатите петмина биле пуштени. Еден од повредените имал повреда на окото, но бил надвор од животна опасност.

Уште еден демонстрант и еден полицаец добиле помош во болничкиот центар „Мајка Тереза“. Двајца полицајци со повреди на очите биле третирани во Поликлиниката број 2. Сите четворица ги напуштиле здравствените установи по третманот.

Здружението на новинарите на Албанија побарало непристрасна истрага за пријавениот инцидент со новинарот на „Њуз24“, Клевин Мука. Според пријавените информации, тој бил изложен на полициско средство со пипер додека известувал. Здружението бара разјаснување на околностите и идентификување на вклучените службеници.

Ново собирање пред Министерството за образование

Демонстрантите се разотишле околу 21:15 часот, по што започнало расчистувањето на булеварот „Дешморет е Комбит“, според „Еуроњуз Албанија“. Полицијата привела повеќе учесници, но во вечерниот извештај што го пренесува Рацин не е наведен вкупниот број.

Полицијата ги повикала мирните учесници да се дистанцираат од маскираните лица што напаѓаат службеници и институции.

Демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама, техничка влада и изборни реформи. Рама ја отфрла оставката и повторно повикал на дијалог.


Според најавата што ја пренела ЦНА, новиот протест е закажан за денеска, 25 октомври, во 14 часот пред Министерството за образование во Тирана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс