Папата Лав XIV против еутаназијата: „Не смее смртта да се претставува како сочувство“

За време на посетата на Лурд, папата порача дека лекарите треба да се грижат за пациентите што страдаат, а не да го прекинуваат нивниот живот.

Папата Лав XIV денеска во Лурд остро се спротивстави на сите форми на еутаназија и асистирано умирање, повикувајќи ги лекарите и другите здравствени работници да се посветат на грижата за пациентите што страдаат, наместо на намерно прекинување на нивниот живот.

„Мораме да го отфрлиме искушението да предизвикаме смрт под маската на лажно сочувство. Невозможно е предизвикувањето смрт да го сметаме за нешто нормално“, порача Лав XIV за време на посетата на француското аџилакско место.

Папата додаде дека тоа што е законски дозволено не значи автоматски дека е морално прифатливо. „Она што е законито не е нужно и морално“, рече тој, додавајќи дека никој не треба да одлучува за животот врз основа на „лабораториски алгоритми“.

Изјавите ги пренесоа агенциите ДПА и Хина.

Папата ги критикува европските закони

Лав XIV ги упати своите критики и кон законските рамки со кои еутаназијата или асистираното умирање се дозволени под одредени услови во некои европски држави, меѓу кои Холандија и Белгија. Темата е особено актуелна и во Франција. Француското Национално собрание годинава, по долгогодишни политички и јавни дебати, со големо мнозинство го усвои законот за асистирано умирање.

Законот предвидува специфична процедура и услови под кои лице со сериозна и неизлечива болест може да побара медицинска помош за да стави крај на животот. Ставот на Католичката црква останува спротивен на таквата практика, при што папата повикува медицинската професија приоритетно да се фокусира на ублажување на страдањето и палијативната грижа.

Лав XIV во Франција

Посетата на Лурд е претпоследната станица од престојот на Лав XIV во Франција. Папата утре треба да отпатува во Мец, во близина на француско-германската граница, каде што се очекува да одржи говор посветен на Европа. Лурд е едно од најпознатите католички аџилачки места во светот и секоја година го посетуваат милиони верници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс