Палестински фотограф добитник на Пулицер за потресните фотографии од Газа

Палестинскиот фотограф Сахер Алгора, соработник на „Њујорк тајмс“, ја доби Пулицеровата награда за фотографии од кризата во Појасот Газа.

Палестинскиот фотограф Сахер Алгора, соработник на „Њујорк тајмс“, е добитник на Пулицеровата награда за 2026 година во категоријата фотографија за ударна вест.

Наградата му е доделена за неговото документарно прикажување на кризата во Појасот Газа, преку серија фотографии што ги бележат разурнувањата, гладот и животот на цивилите во услови на воен конфликт.

Одборот за доделување на Пулицеровите награди при Универзитетот Колумбија соопшти дека признанието е доделено за фотографии што на силен и емотивен начин ја прикажуваат хуманитарната криза во регионот.

Администраторката на наградите, Марџори Милер, оцени дека овие дела претставуваат значајно сведоштво во време на сериозни политички и економски притисоци врз независното новинарство.

Во првата реакција по добивањето на наградата, Алгора изјави дека фотографиите им се посветени на луѓето што се обидуваат да ги обноват своите животи со минимални средства среде војната.

Неговите наградени фотографии прикажуваат уништени објекти, раселени семејства и секојдневна борба за основни животни потреби.

Меѓу останатите добитници на годинашните Пулицерови награди се и новинарскиот тим на „Асошиејтед прес“ за истражување поврзано со глобален надзор, како и новинарите на „Вашингтон пост“ за јавна служба.

Посебно признание ѝ беше доделено на Џули К. Браун за нејзината долгогодишна работа на откривање мрежи на сексуална злоупотреба поврзани со Џефри Епстин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни