Централната изборна комисија на Израел ги потврди конечните резултати од парламентарните избори одржани минатата седмица и соопшти дека не се пронајдени докази за изборни неправилности, објави телевизијата „Кан“.
„Прегледани се записниците од 9.069 избирачки места. Онаму каде што беше потребно, беше спроведена подетална анализа на изборните материјали и документацијата. Не се откриени никакви несовпаѓања или докази што би укажале дека интегритетот на изборите бил загрозен или дека резултатите биле изменети“, се наведува во соопштението.
Изборната комисија во текот на денот ќе го извести израелскиот претседател Исак Херцог за конечните резултати. Потоа ќе започнат консултациите со парламентарните блокови што обезбедија пратенички места во Кнесетот, кој има вкупно 120 членови.
Нетанјаху освои најмногу места, но нема мнозинство
Израелските разузнавачки служби, наводно, започнале истрага за можно мешање во изборите, откако владејачката партија Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху ги обвини арапските партии за „кражба на изборите“.
Коалицијата предводена од Ликуд освои 53 пратенички места, додека опозицискиот блок, на чело со Гади Ајзенкот, доби 48 места. Коалицијата на арапските партии се најде на третото место со 19 пратеници.
Ниту еден од блоковите не го достигна потребното мнозинство од 61 место во парламентот за самостојно формирање влада.
Херцог ќе одлучи кому ќе му го довери мандатот
По консултациите со сите партии што влегоа во Кнесетот, претседателот Исак Херцог ќе одлучи на кој партиски лидер ќе му го довери мандатот за формирање нова влада.
