Во манастирската црква Пресвета Богородица во Лешочкиот манастир, пронајден е поголем фрагмент дел од архиреј, нацртан пред 8 века, што го прави ова духовно светилиште уникатно со трослојно сликарство. Најстарото кое датира од 14 или можеби 13 век, фрескоживописот од 17 и ѕидното сликарство од 19 век.
Фреската со архиреј се наоѓа во олтарот на манастирската црква. Видно е оштетена, а над неа има ѕидно сликарство од 17 век.
За реставрацијата на манастирската црква се користат посебни методи, а дел од материјалот се зема од поднебјето каде што е лоциран овој храм.
„Спецификата е што откривме тројслојно сликарство и методите кои ги применуваме се навистина иновативни, со тоа што ќе дозволиме да се презентира и стариот живопис и тој од 17, додека тој од 19 каде што има можност ќе биде сочуван. За таа намена направивме еден посебен носач, за да можеме да го презентираме постариот живопис, тој носач ќе биде ставен на местото од 17 век и науката ќе може со помош на самиот носач да може да го види ова сликарство кое е под“ – вели Владо Муковски, конзерватор за ѕидно сликарство.

На објектите од културното наследство им треба постојана заштита, но конзерваторите работат според тоа колку средства се одобрени од Министерството за култура.
Дополнително во државата има само неколку советници конзерватори за цела територија.
Конзерваторите во црквата Света Богородица, која е стара најмалку 7 века, ќе работат до средината на овој месец, а потоа одат на реставрација во други објекти во земјава.