Откриена нова мачка во Боливија, но научниците засега знаат само за една жива единка

Генетските анализи открија досега непознат вид мала дива мачка, Leopardus tilcayo, а единствениот потврден жив примерок денес живее во засолниште во Боливија


Во шумите на Боливија е потврден нов вид дива мачка, откритие што покажува колку сè уште не знаеме за биодиверзитетот на планетата. Видот Leopardus tilcayo, познат како тилкајска мачка, досега е потврден кај само една жива единка – десетгодишна мачка наречена Тигрино, која живее во засолниште за диви животни.

Мачката е приближно со големина на домашна мачка, со сиво-кафеаво крзно, темни дамки и пруги. Токму нејзиниот изглед долго време ги збунувал истражувачите, бидејќи многу наликува на други мали диви мачки што живеат низ Јужна Америка.

Но, ДНК-анализите откриле дека станува збор за посебен вид.

„Фантастично е што сè уште откриваме нови видови. Не мора да одиме до вулкани, острови или длабоко во морето“, вели Паула Ногалес-Аскарунс од Универсидад Мајор де Сан Андрес во Ла Паз.

Токму Тигрино ги одвело научниците до откритието. Мачката била пронајдена во шума од локален жител, кој првично мислел дека станува збор за домашна мачка. Подоцна, кога животното пораснало, станало очигледно дека неговото однесување и изглед не одговараат на домашна мачка. Ногалес-Аскарунс, која волонтирала во засолништето каде што живее Тигрино, забележала дека животното има необични карактеристики. Таа започнала истражување и се поврзала со научници од повеќе земји за да ја реконструира еволутивната историја на малите диви мачки.

Истражувачите анализирале ДНК од живи животни, но и генетски материјал од примероци зачувани во природонаучни музеи. Резултатите, објавени во научното списание Current Biology, донеле уште едно изненадување: наместо досега познатите три, генетските податоци укажуваат дека групата т.н. тигрести мачки може да опфаќа пет различни видови.

Меѓу нив е и новоопишаниот Leopardus tilcayo од Боливија.

Единствената потврдена единка е во засолниште

Фактот дека досега е потврдена само една жива единка не значи дека видот го сочинува само едно животно. Научниците веруваат дека Leopardus tilcayo може да живее и во дивината, особено во шумските предели на регионот Јунгас. Проблемот е што за видот има исклучително малку податоци – нема доволно фотографии, научни записи или примероци во музејски колекции.

„Се криеше затоа што никој не го бараше“, вели Едуардо Еизирик, конзервациски генетичар од Папскиот католички универзитет во Рио Гранде до Сул во Бразил.

Следниот чекор за научниците е да утврдат каде точно живее новиот вид, колкава е неговата популација и со какви закани се соочува. Тоа е особено важно бидејќи малите тигрести мачки во Америка се изложени на губење на живеалиштата поради уништувањето на шумите, како и на нелегален лов. Керолајн Сартор од Истражувачката единица за конзервација на дивиот свет при Универзитетот во Оксфорд посочува дека не може ефикасно да се заштити вид ако научниците не знаат дека постои или каде живее.

Малите мачки сè уште ги кријат своите тајни

Малите дамкасти мачки од Јужна Америка долго време претставувале голем предизвик за биолозите. Северната тигреста мачка или онцила (Leopardus tigrinus), јужната тигреста мачка (Leopardus guttulus) и замаглената тигреста мачка (Leopardus pardinoides) се меѓу видовите кои во последните години биле подобро разграничени благодарение на генетските истражувања.

Ендру Киченер од Националните музеи на Шкотска, кој не бил дел од истражувањето, вели дека овие мачки се особено тешки за класификација бидејќи изгледаат многу слично, а во музеите има релативно малку примероци. Напредокот во секвенционирањето на целиот геном, заедно со новите примероци собрани директно од дивината и прецизно документираните места каде што се пронајдени, им овозможува на научниците да ги разликуваат видовите со многу поголема сигурност.

Откритието во Боливија може да влијае и врз пошироката слика за семејството на мачки (Felidae), во кое спаѓаат сите денешни диви и домашни мачки. Генетските истражувања сугерираат дека бројот на признаени видови мачки би можел да биде поголем од досегашниот, а нови откритија се можни особено кај малите диви мачки кои досега добивале значително помалку научно внимание од лавовите, тигрите и леопардите.

Истражувањето покажува и колку важни остануваат музејските колекции. Примероците собрани пред децении можат да им помогнат на денешните научници да ги споредат генетските карактеристики и да откријат видови кои со години биле погрешно класифицирани. Во случајот со Тигрино, една необична мачка во боливиско засолниште се покажа како трага до вид што науката досега не го препознавала.


е-Трн да боцка во твојот инбокс