Грција и Бугарија денеска во Солун официјализираа меѓудржавна размена на историски артефакти: Атина ѝ ги предаде на Софија посмртните останки на средновековниот владетел цар Самоил, додека бугарската страна врати 48 црковни реликвии одземени за време на Првата светска војна. Договорот, потпишан од ресорните министри за култура во присуство на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и бугарскиот претседател Румен Радев, става точка на дипломатските пазарења што траеја повеќе од половина век.
Договорот потпишан во Музејот на византиската култура во Солун има јасна материјална и симболичка сметководствена логика. За да ги добие коските на Самоил, бугарската држава мораше да се откаже од 48 предмети, главно црковни садови и епископски престол, кои бугарската војска ги запленила во 1917 година од митрополиите во Сер и Нигрита.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на церемонијата нагласи дека религиозните реликвии не смеат да бидат предмет на воен плен. Според него, враќањето на овие садови има големо значење за духовниот живот на Грција, а предавањето на посмртните останки на Самоил претставува исполнување на историска должност. Разговорите за ваква трансакција не се нови; тие започнаа уште во 1970-тите години меѓу тогашните лидери Константинос Караманлис и Тодор Живков, но дури сега добија практична завршница.
Скелетот што денеска е спакуван за транспорт со воен авион „Спартан“ кон Софија беше откриен во 1969 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос во базиликата „Свети Ахил“ на малото преспанско островче. Муцопулос тогаш пронајде четири саркофази, од кои само во еден имаше зачуван скелет на постар маж на околу 70 години, со карактеристична скршеница на левата рака, покриен со златни нишки и оклоп.
Иако наодите упатуваа на средновековниот цар, коските со децении останаа затворени во депоата во Солун како класично средство за политички притисок и дипломатско балансирање. Со децении научниот контекст беше туркан настрана за сметка на тоа кој и под какви услови ќе ги искористи останките за сопствената државна митологија. Сега, по предавањето, најавен е воен и црковен спектакл во Софија со поворка до црквата „Света Софија“, каде што коските треба трајно да почиваат.
Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека со овој чин се исполнува аманетот на археологот Муцопулос и дека поранешните конфронтации меѓу двете земји денес се заменети со сојузништво во рамки на Европската Унија. Радев истакна дека ако во минатото Самоил ги раздвојувал, денес тој служи како точка на зближување меѓу Атина и Софија.
Ова е втор ваков погребен трансфер за Бугарија во последните две години, откако претходно од германскиот град Кобург беа пренесени и погребани во палатата Врана посмртните останки на царот Фердинанд. Со тоа, бугарскиот државен врв продолжува со практиката на собирање и погребување историски владетели во главниот град, претворајќи ги археолошките наоди во завршни поглавја од своите современи политички наративи.