Search

Осма „Станица студентска“ – младите и студентите се „жедни“ за знаење

Млади, амбициозни луѓе и студенти кои се „жедни“ за нови знаења, со чија примена во секојдневието ќе се влијае за поздрава животна средина, подобрување на човековите права, како и развивање на иновативни технологии, се собраа на осмото издание на младинскиот настан „Станица студентска“. Се чинеше дека холот на Градежен факултет за миг беше претесен да ги собере сите млади и свесни луѓе за потребата од брзи реакции за спас на планетата.

Седум предавачи ги пренесоа своите теоретски, но и практични знаења на теми како што се вештачка интелигенција, започнување свој бизнис, права при контакт со полиција, како е да се биде млад автор и помирување и градење на мирот во регионот.

На целодневниот настан сите млади и студенти директно се вклучија во некои од работилниците за цртање на платнени торби, одржување на велосипеди и истражување на пештерите низ земјава.

„Станува збор за настан кој има за цел промовирање на активностите на студентите и за студентите, студентските организации и студентските иницијативи, како и унапредување на младинското здружување и организирање. Истиот претставува можност студентите да ги споделат своите знаења со своите колеги и да го зголемат своето познавање во различни области од нивен интерес. Дополнително, студентите ќе можат директно да се запознаат со работата на студентските, младинските и организациите за млади и начините како би можеле да им се приклучат“, велат од Младинскиот образовен форум (МОФ).

Инаку настанот го организираат МОФ и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), со поддршка од Универзитетското студентско собрание при УКИМ.

Најново

Последни колумни