Оружје што само избира кого ќе нападне: ОН бараат правила, три воени сили се против

ОН продолжуваат со преговорите за ограничување на автономното оружје што може самостојно да избира и напаѓа цели. САД, Русија и Израел се против построги правила

Преговорите во Обединетите нации за регулирање на автономното оружје, кое може да дејствува со минимален човечки надзор или целосно самостојно, завршија со договор за продолжување на разговорите во следните две години. Целта е да се постигнат меѓународни правила за употреба на ваквите системи, но засега нема согласност дали тие ќе бидат правно обврзувачки.

Договорот е значително послаб од барањата на организациите за човекови права, кои се залагаат за строги ограничувања. Русија се противеше на построга регулација, а учесниците не успеаја да се договорат дали идните правила ќе имаат задолжителна правна сила.

Оружје што самостојно избира и напаѓа цели

Застапниците на построга регулација бараат меѓународен договор со кој ќе се ограничи употребата на системи способни самостојно да идентификуваат и напаѓаат цели.

Овие системи често се нарекуваат „роботи-убијци“, бидејќи можат да донесуваат одлуки за напад без директна човечка контрола. Развојот на технологијата отвора сериозни прашања за одговорноста во случај на цивилни жртви, за правото на вооружен конфликт и за можноста човекот да ја изгуби контролата врз одлуките за употреба на смртоносна сила. Околу 100 држави поддржале барање за што поскоро усвојување правно обврзувачки правила. Меѓутоа, големите воени сили, вклучително и САД, Русија и Израел, се против таквиот пристап.

Големите воени сили се против построги ограничувања

Поради противењето на влијателните воени сили, преговарачите постигнале компромис кој предвидува продолжување на работата на новите правила, но не гарантира дека ќе биде усвоен меѓународен договор што државите ќе мора да го почитуваат. „На крајот, воените сили успеаја да постават бројни пречки пред целта за усвојување протокол, но таа можност сепак останува отворена, со мандат за краткорочно дејствување“, изјавил дипломат кој учествувал во преговорите.

Разговорите во Женева траеле до раните утрински часови, а завршиле по четири часот. И покрај несогласувањата, останала отворена можноста за усвојување правно обврзувачки протокол во продолжението на преговорите.

128 држави разговараа за автономното оружје

Претставници на 128 држави членки на Конвенцијата за одредени конвенционални оружја од понеделникот се состанувале во Женева, каде што разговарале за ограничување на развојот и употребата на оружје што може да дејствува без непосредно човечко управување.

Преговорите се одржуваат во услови на зголемена загриженост за употребата на автономни системи во војните. Особено се посочуваат конфликтите во Украина, Судан и на Блискиот Исток, каде што сè почесто се користат напредни технологии за откривање, идентификување и напаѓање цели.

ОН, папата и Црвениот крст бараат правно обврзувачки правила

Генералниот секретар на ОН, папата и Меѓународниот комитет на Црвениот крст повикаа на усвојување цврсти, правно обврзувачки меѓународни правила, пренесува Ројтерс. Тие сметаат дека е неопходно да се ограничи употребата на оружје кое може самостојно да одлучува за нападите, особено поради ризиците за цивилното население и прашањето кој ќе сноси одговорност за последиците од неговото дејствување.


Продолжението на преговорите е предвидено во следните две години. Државите ќе се обидат да усогласат содржина на новите правила, но останува неизвесно дали тие ќе бидат правно обврзувачки или ќе се засноваат на доброволни насоки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс