Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, предупреди дека блокадата на Ормускиот теснец може да создаде „опасен преседан“. Таа порача дека повисоките цени на енергенсите, предизвикани од блокадата, им штетат и на Европа и на Азија.
„Слободата на пловидба мора да биде загарантирана, во спротивно тоа ќе создаде опасен преседан и во други делови од светот“, изјави Калас пред новинарите во Брунеј, каде учествува на 25. министерски состанок меѓу Европската Унија и АСЕАН.
Таа додаде дека два месеца од почетокот на војната со Иран, дипломатските напори сè уште не дале резултат.
Во заедничкото обраќање со министерот за надворешни работи на Брунеј, принцот Мохамед Болкиах, Калас ја нагласи важноста на меѓународната соработка.
„Во денешното глобално опкружување, ниту една земја не може да си дозволи да дејствува сама. Настаните на Блискиот Исток тоа јасно го покажуваат“, рече таа.
Во конфликтот во Иран загинаа повеќе од 3.300 луѓе, а илјадници беа раселени во земјата. Загинаа и најмалку 13 американски војници, додека десетици беа ранети.
Борбите беа прекинати на 8 април, кога Пакистан посредуваше за постигнување примирје меѓу завојуваните страни.
Исламабад продолжува со напорите да ги врати страните на преговарачка маса за да се постигне трајно завршување на конфликтот. Првиот круг разговори се одржа претходно овој месец во главниот град на Пакистан.