Блокадата на Ормускиот Теснец веќе предизвикува сериозни последици врз светската економија, откако еден од најважните поморски коридори за транспорт на енергенси остана нарушен по почетокот на војната на Блискиот Исток.
На почетокот од конфликтот, експертите предупредуваа дека затворањето на овој теснец може да доведе до недостиг на нафта, гас и други клучни суровини. Три месеци подоцна, тие предупредувања почнуваат да се остваруваат во повеќе делови од светот.
Пред војната, низ Ормускиот Теснец минувала околу една четвртина од светската сурова нафта што се превезува по море и околу една петтина од светскиот течен природен гас. Регионот е и голем снабдувач со петрохемиски производи, меѓу кои ѓубрива и петрохемиски бензин, суровина што се користи во производство на пластична фолија, индустриски бои и други производи.
Недостиг на енергенси и рестрикции на струја
Додека голем дел од светот кризата ја почувствува преку раст на цените, делови од Азија веќе се соочуваат со реален недостиг. Особено погодени се земјите во развој, каде нарушувањата во снабдувањето со нафта, гас и нивни деривати влијаат врз земјоделството, готвењето, индустријата и здравствените услуги.
Владите во повеќе азиски земји воведоа рестрикции на струја, посегнаа по итни резерви и бараат алтернативни извори на снабдување.
„Не станува збор само за ценовен шок, туку за вистински недостиг“, изјави Кришна Сринивасан од Меѓународниот монетарен фонд.
Според него, кога има недостиг, индустријата ги намалува активностите, луѓето остануваат без работа, а тоа потоа се одразува и врз економскиот раст.
Нафта и течен природен гас
Првиот и најочигледен удар е врз суровата нафта и течниот природен гас. Двата енергенса зависат од транспортот низ Ормускиот Теснец од големи производители како Кувајт и Катар, а најголем дел од испораките се наменети за азиските пазари.
Јапонија, која вообичаено повеќе од 90 проценти од својата нафта ја набавува од регионот, во април забележала пад на увозот на сурова нафта од 67 проценти. Сингапур, кој 95 проценти од електричната енергија ја добива од природен гас и зависи од Катар за значаен дел од увозот, веќе издаде упатства за штедење енергија.
Побогатите земји како Јапонија, Сингапур и Кина можат да користат стратешки резерви и да платат повисоки цени за алтернативни извори. Но, земјите во развој ги трпат најтешките последици.
Хелиумот станува дефицитарен
Кризата го погоди и пазарот на хелиум, важен гас што се добива од природен гас. Пред војната, Катар обезбедувал околу една третина од светското снабдување со хелиум.
Хелиумот се користи во производството на чипови, фармацевтската индустрија и медицинската дијагностика, особено за ладење на магнетите во апаратите за магнетна резонанца.
Поради намалените испораки од Катар и проблемите со руските залихи, достапниот хелиум најверојатно ќе оди кај купувачите што можат да платат најмногу, пред сè производители на полупроводници во Јужна Кореја и Тајван и големи здравствени компании во САД.
Тоа значи дека помалку богатите пазари ќе се соочат со недостиг. Во Индија, цената на хелиумот веќе се удвоила, што претставува сериозен проблем за помалите и руралните болнички мрежи.
Ѓубривата поскапуваат, храната под ризик
Персискиот Залив е клучен извор на ѓубрива, па кризата го загрозува и глобалното производство на храна. Иран, Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин заедно обезбедуваат повеќе од една третина од светските залихи на уреа, најчестото азотно ѓубриво.
Цените на уреата пораснале за 80 проценти од февруари, според податоците на Светска банка. Организацијата за храна и земјоделство ја означи Јужна Азија како регион со екстремен ризик.
Земјоделците во Пакистан и Бангладеш веќе се принудени да садат култури во осиромашена почва, а загрозени се и малите земјоделци во Африка, кои произведуваат голем дел од храната за субсахарскиот регион.
Петрохемиски бензин и индустриски производи
Недостигот на сурова нафта се прелева и врз рафинираните производи, меѓу кои петрохемискиот бензин. Тој е толку важен во индустриското производство што често се нарекува „брашно на индустријата“.
Недостигот е особено изразен во Источна Азија. Јапонија и Јужна Кореја силно зависат од увоз од Катар и Кувајт.
Во Јапонија, недостигот ја погоди печатарската индустрија, па дел од големите брендови почнаа да ја намалуваат употребата на бои на амбалажите за да заштедат мастила. Во Јужна Кореја, големи производители ја намалија продукцијата на хемикалии што се користат во пластика.
Недостиг на течен нафтен гас
Блискиот Исток е еден од главните светски извозници на течен нафтен гас, мешавина од пропан и бутан што во земјите во развој масовно се користи за готвење и греење.
Од почетокот на војната, Индија стана епицентар на кризата со ова гориво. Како втор најголем увозник на течен нафтен гас во светот, Индија зависи од странски извори за повеќе од половина од годишната потрошувачка.
Кризата доведе до затворање на мали бизниси, ресторани и хотели. За да ги заштитат домаќинствата, властите воведоа строги ограничувања за комерцијалното снабдување.
Европа под притисок поради авионското гориво
Европа е меѓу регионите што најмногу стравуваа од недостиг на керозин, бидејќи е најголем купувач на авионско гориво што минува низ Ормускиот Теснец.
Засега регионот не остана без гориво, бидејќи повисоките цени ги поттикнаа САД и други добавувачи да пренасочат испораки кон европските купувачи, а европските рафинерии ја зголемија сопствената продукција.
Сепак, високите трошоци ги принудија големите авиокомпании, меѓу кои „Луфтханза“ и „КЛМ“, да намалат дел од летовите. Според проценките на Меѓународната агенција за енергија, европскиот авионски сообраќај е намален за околу пет проценти.
Блокадата на Ормускиот Теснец покажува колку светската економија е зависна од неколку клучни транспортни точки. Кога тие ќе се нарушат, последиците не се гледаат само на бензинските пумпи, туку и во фабриките, болниците, земјоделството, авионскиот сообраќај и секојдневниот живот.