OpenAI возврати со контратужба: Го обвинува Apple за кражба на деловни тајни

Компанијата зад ChatGPT поднесе контратужба против технолошкиот гигант, обвинувајќи го за кражба на деловни тајни и попречување на пристапот до добавувачи на хардвер. Спорот следува откако Apple претходно го тужеше OpenAI поради наводно преземање негови вработени.

Технолошката компанија OpenAI поднесе контратужба против Apple, обвинувајќи го за кражба на деловни тајни и попречување на пристапот до добавувачи на хардвер. Правниот спор меѓу двете компании се продлабочува откако Apple претходно поднесе тужба против OpenAI, тврдејќи дека компанијата преземала негови вработени за да дојде до доверлива технологија.

Компанијата што го разви чет-ботот ChatGPT ја поднела контратужбата во петокот пред федералниот суд во Калифорнија. Во неа наведува дека практиките на Apple при вработувањето се осмислени така што ги „заробуваат“ вработените и ги спречуваат да работат на технологии на конкурентски компании, објави „Ројтерс“.

Судирот меѓу двете технолошки компании се интензивира во период кога конкуренцијата во развојот на производи засновани на вештачка интелигенција станува сè поостра. Борбата се води и за привлекување стручни кадри и за пристап до сопственички технологии. Apple претходно годинава го тужеше OpenAI и двајца поранешни вработени, обвинувајќи ги за неовластено користење деловни тајни. Според тужбата, тие наводно му помогнале на OpenAI да влезе на пазарот на потрошувачки хардвер.


Според оценките на „Ројтерс“, судскиот спор би можел да прерасне во поширока борба за контрола врз идните уреди засновани на вештачка интелигенција, производи што можеби нема да се потпираат на традиционалните апликации или оперативни системи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс